Нападната канцеларијата на турскиот претседател Ердоган

Во Истанбул маж пукал во зградата во која се наоѓа канцеларијата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, објави МИА.

Врз зградата фрлил и граната, но таа не експлодирала, објавија турски медиуми.

Напаѓачот е уапсен пред палатата Долмабахче. Не е познато дали Ердоган во тоа време бил во својата канцеларија.

Турските медиуми јавуваат дека неименуваниот напаѓач бил вооружен со автоматско оружје и пиштол и дека прво отворил оган, а потоа фрлил и рачна граната.

Полицијата подоцна со контролирана експлозија ја уништила гранатата. Засега не е познато кои се мотивите на напаѓачот.