Нападот во Берлин ќе ја радикализира состојбата во Германија

Пратеникот од редовите на Хриситијанско демократската унија (ЦДУ) на германската канцеларка Ангела Меркел, Родерик Кајзерветер денеска изјави дека како последица од нападот во Берлин, ќе се радикализира германската јавност и ќе се создаде чувство на несигурност.

Како што јави дописникот на МИА од Берлин, Кајзерветер смета дека противниците на политиката на отворени врати за бегалците ќе се обидат да профитираат од нападот, а Владата ќе мора да даде целосно објаснување како тој се случил.

– Инциденти како овој ќе создадат клима на несигурност во Германија. Така наречената екстремно десничарска Атернатива за Германија ќе профитира од нападот и ќе ја радикализира германската јавност. Затоа владата мора пред јавноста да ги објасни сите околности во врска со инцидентот и ќе мора подобро да ги организира своите разузнавачки капацитети, изјави Кајзерветер.

Високи претставници на партијата Алтернатива за Германија (АФД) уште вчера ја обвинија канцеларката Меркел за смртта на 12 луѓе при нападот во Берлин.

Европратеникот од редовите на АФД Маркус Прецл ноќеска порача дека смртта на луѓето во Берлин оди на сметката на Меркел, која пак денеска најави дека ќе биде особено тешко доколку се утврди дека напаѓачот е лице кое добило заштита и азил во Германија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.