Нападот во Дума е провокација за која предупредувавме

Руската војска неколку пати предупреди дека претстои сериозна провокација со цел Дамаск да биде обвинет за употреба на хемијско оружје, изјави денеска рускиот министер за внатрешни работи, Сергеј Лавров.

Веќе имавме можност да ја коментираме сегашната состојба пред таа да стане реалност, рече Лавров.

Според него, руски експерти не пронашле траги од хемиски напад во сирискиот град Дума, каде наводно било употребено хемиско оружје, при што загинаа 70 лица, иако не е утврдена точна бројка на настрадани. Дума до саботата беше под контрола на бунтовниците од групата Џаиш ал Ислам, кои викендов се повлекоа од градот по постигнатиот договор со Дамаск.

Нашите воени експерти го посетија местото и не најдоа никакви траги од хлорин или која било друга хемиска супстанца што е користена против цивили, изјави Лавров.

Првиот човек на руската дипломатија повика на детална истрага за ракетниот напад што се случи утрово во Сирија, кога во воздухопловната воена база „Т4“ кај Хомс загинаа 14 лица.

Постојат многу извештаи за тоа кој летал, а кој не летал. Вашингтон негира дека ги извел нападите, што покажува дека станало премногу опасно во Сирија. Се појавија играчи кои никој не ги повикал таму и кои сами си се поканиле, истакна Лавров.

Според него, експертите сметаат дека САД нема да ја напуштат Сирија и дека планираат уште долго да останат таму, што е спротивно на изјавата на Доналд Трамп дека сакаат што побрзо да ја напуштат Сирија.