Напаѓачот од Белгија извршил убиство и пред терористичкиот напад

Човекот кој смртно застрела двајца полицајци и еден цивил вчера во Лиеж, претходниот ден убил уште еден човек, рече белгискиот министер за внатрешни работи Јан Јамбон.

Министерот денеска изјави дека напаѓачот, кој беше идентификуван како Бенџамин Херман „извршил убиство ноќта пред нападот“.

Убиениот бил поранешен затвореник кој отслужувал казна заедно со Херман. Херман се товари дека го убил мажот во понеделникот вечерта, удирајќи го со тап предмет по главата.

Херман (31) беше убиен во престрелка со полицијата вчера, откако избоде две припаднички на полицијата, им ги одзеде службените оружја и потоа ги застрела. Исто така смртно застрела човек кој седел во автомобил паркиран во близина на местото каде што се случи инцидентот.

Жртви во нападот беа полициските службенички Сораја Белкасеми и Лусил Гарсија, и цивилот Сирил Вангрикен

Белгиските служби за безбедност отворија истрага за тероризам за вчерашните напади.

Очевидци велат дека напаѓачот од Лиеж бил облечен во црно и носел ранец. На снимките што ги објавија медиумите се слуша како извикува “Алах акбар“ („Бог е голем“ на арапски) додека поминува низ центарот на градот.

Белгискиот премиер Шарл Мишел рече дека Херман бил индиректно спомнат во државните извештаи за безбедност во врска со радикализација, но не бил на листата на луѓе за набљудување.

„Разни служби сметале дека, врз основа на елементите со кои располагале, немало причина да го стават во таа категорија“, рече тој.

Мишел рече дека нападите биле „кукавичко и слепо насилство“.

 

Херман, кој отслужувал 17-годишна казна во затворот „Марш-е-Фамен“ по обвиненија за дрога и кражби, добил 36-часовно отсуство во понеделникот за да престојува кај баба му во градот Он.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.