Напаѓачот од Санкт Петербург ја призна вината

Извршителот на нападот во продавницата во забавниот центар во Санкт Петербург, кој руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) го уапси во саботата, ја признал вината соопшти Истражниот комитет во неделата наведувајќи дека станува збор за лице со душевно нарушување.

Во текот на испитувањето осомничениот потврдил дека го организирал и самиот го извршил нападот во средата со експлозивна направа кога беа повредени 18 лица. Рекол дека неговиот чин го мотивирала омразата кон организаторите и членовите на психолошките групи во кои учествувал, се наведува во соопштението на истрагата.

Се истакнува дека осомничениот е регистриран во психијатриска клиника од својата 19-та година и дека во близина на експлозијата сокрил два USB стикови кои содржат информации за причините кои го поттикнале на нападот и фотографија од експлозивот.

Иследниците поради тоа одлучиле да го преквалификуваат делото почетно покренато како „обид за убиството на две и повеќе места со предизвикување општа опасност“ во „терористичко чин“,. Во неделата вечерта осомничениот треба да биде испитан од судија.

Во детонацијата на импровизираната експлозивна направа која содржела метални елементи за да повреди што повеќе луѓе во средата навечер, четири дена пред новогодишната ноќ, подметната во преграда за оставање предмети во продавницата „Перекросток“ во забавниот центар „Гигант хол“, беа повредени 18 лица. Во неделата осум повредени сѐ уште беа задржани во болниците.

Одговорноста за нападот ја презема џихадистичката групација Исламска држава, но според експертите нема докази дека таа има било какво влијание во инцидентот.

Санкт Петербург веќе беше цел на терористички напад на 3-ти април кога во подземната железница загинаа 15 луѓе за кој одговорноста ја презема малку позната група поврзана со Ал Каеда.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.