Напаѓачот во Хамбург извикувал „Алаху акбар“

Напаѓачот кој во петокот попладнето со нож нападна и усмрти едно а повреди уште четири лица во супермаркет во северниот германски град Хамбург, во текот на нападот извикувал „Алаху акбар“ (Господ е голем), пренесуваат германските медиуми повикувајќи се на очевидци.

„Го подигна ножот во воздух и двапати јасно извика ‘Алаху акбар’“, изјавил еден очевидец за агенцијата DPA. Слично и за другите германски медиуми потврдиле и неколку други сведоци.

Полицијата, којашто веднаш по нападот, го уапси напаѓачот засега не ги потврдува медиумски извештаи за исламистичката заднина на нападот. „Истрагата се води во моментов во сите насоки“, соопшти хамбуршката полиција.

Нападот се одигра во самопослуга во хамбуршката населба Бармбек, по што на улиците беа распоредени припадниците на антитерористичките единици. Напаѓачот, кој според очевидците делувал „целосно некоординирано“ го совладале минувачи и го предале на полицијата. Првичните информации дека станувало збор за двајца напаѓачи, не беа потврдени .

И покрај тоа што мотивите за овој напад не се официјално потврдени, тој се случи во периодот на голема напнатост во Германија каде што безбедносните сили се на зголемено ниво на подготвеност поради терористички закани по неколкуте смртоносни напади во минатата 2016 година.

Германските безбедносни агенции проценуваат дека во земјата има околу 10.000 радикални исламисти, од кои се проценува дека 1.600 може да се наклонети на преземање насилни дејствија.