Напаѓачот во Марсеј бил пуштен од полицијата два дена пред нападот

Мажот осомничен за нападот на железничката станица во јужниот француски град Марсеј во кој се убиени со нож две жени бил претходно уапсен, а полицијата го пуштила два дена пред нападот, изјавил во понеделникот извор близок на истрагата.

Изворот додал дека осомничениот, кој променил осум идентитети или лажни имиња, го запрела полицијата во градот Лион на 29-ти септември под сомнение дека изршил грабеж. Во недостиг од докази бил ослободен, пренесува Reuters.

Идентитетот на осомничениот кој е убиен од француските војници набрзо откако ги заклал двете жени извикувајќи „Алаху акбар“ засега уште е нејасен, соопшти полицијата.

„Убиецот имал осум лажни имиња. Секогаш кога ќе бил запрен, давал други исправи за идентификација. Тоа е причината поради која е многу тешко да се открие неговиот вистински идентитет. Во еден се вели дека е роден во Франција, а во друг дека е роден во Алжир“, рекол изворот.

Одговорноста за нападот во Марсеј го презема подоцна во неделата џихадистичката организација Исламска држава, објави новинската агенција Amaq која ги објавува вестите за оваа екстремна групација.