Напаѓачот во Турку e 18-годишен Мароканец

Финската полиција соопшти дека ги истражува вчерашните напади со нож во градот Турку како кривични дела поврзани со тероризам и дека осомничениот е 18-годишен Мароканец, пренесоа Ројтерс и Франс прес.

Во нападот загинаа двајца, а беа повредени осум лица, покажаа нови полициски податоци. Тројца повредени се во тешка состојба.

Двајцата убиени се фински граѓани, а меѓу повредените има двајца Швеѓани и Италијанец.

При истрагата во стан во Турку уште пет лица се уапсени изминатава вечер.

Во рок од неколку минути од нападот, полицијата го уапси главниот осомничен, вооружен со нож. При апсењето на плоштадот во центарот на градот бил застрелан во ногата и бил однесен во болница.

Претходно фински медиуми објавија дека напаѓачот дејствувал сам и избрал произволно жртви, но истражителите засега не ја потврдуваат оваа информација.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.