Напаѓачот врз американските конгресмени е 66-годишен маж од Илиноис

© REUTERS / Joshua Roberts

Напаѓачот кој во средата пукаше врз републиканските конгресмени на тренинг на бејзбол во Александрија во сојузната држава Вирџинија, близу Вашингтон, ранувајќи неколку лица вклучително и челникот на републиканската пратеничка група во Претставничкиот дом на Конгресот, Ситв Скализ, е 66-годишниот Џејмс Хоџкинсон жител на градот Белвил во сојузната држава Илиноис.

Како што пренесуваат американските медиуми повикувајќи се на правосудни извори, и покрај идентификувањето на напаѓачот, сѐ уште не е познат мотивот за нападот.

Пет лица со возила на итната помош се однесени во болниците во Александрија, изјавил началникот на градската полиција, Мајкл Браун. Двајца од повредените се полицајци од обезбедувањето на Капитол Хил, изјавил еден очевидец.

Републиканскиот конгресмен Сив Скализ е во стабилна состојба и е опериран, соопшти неговиот кабинет.

Напаѓачот бил вооружен со автоматска пушка и се чини оти е белец, изјавил републиканскиот претставник од сојузната држава Алабама, Мо Брукс. Додал дека го видел само на секунда и дека пукал од зад оградата зад третата база на теренот каде што група од 25 до 30 републикански конгресмени тренирала во пресрет на добротворниот натпревар со демократските колеги оваа седмица.

„Истрелани се 50 до 100 куршуми. Ги слушнав лелеците на Стив Скјализ кај втората база. Беше застрелан“, изјавил за CNN Брукс додавајќи дека со ременот ја подврзал раната на ногата на исто така ранетиот припадник на персоналот на Конгресот.

Републикански сенатор Џеф Флејк изјавил за телевизијата ABC дека Скализ е ранет во левиот колк, а дека напаѓачот исто така е застрелан.

Американскиот претседател Донал Трамп на Twitter напиша дека Скализ е „вистински пријател и патриот тешко е повреден, но сигурно ќе закрепне. Потпретседателот (Мајк Пенс) и јас во тек сме со пукањето во Вирџинија и од блиску ја следиме ситуација. Длабоко сме тажни поради оваа трагедија“.

Должноста на Сализ на прв републиканец во Претставничкиот дом го прави еден од најважните луѓе во Конгресот. Станува збор за претставник на сојузната држава Луизијана.

„На сите им беше познато кои се луѓето на теренот.. Не беше тајна дека трениравме… Тој (напаѓачот) целел избрани функционери“, оценува Брукс.

Демократските конгресмени тренирале на друг терен на друга локација за мечот во четврток, извести CNN.