Свет

Напаѓачот во еврејската продавница: Тие врз „Шарли eбдо“, јас врз полицајците

Напаѓачот во еврејската продавница: Тие врз „Шарли eбдо“, јас врз полицајците

Францускиот информативен ТВ каналот БФМ ТВ објави дека за време на денешните заложенички драми во Франција, терористите стапиле во контакт со редакцијата, по што биле направени интервјуа со нив, јави дописникот на МИА од Париз.

Еден од напаѓачите на „Шарли Ебдо“, Шериф Куаши во разговорот за БФМ ТВ тврдел дека „добил задача од Ал Каеда во Јемен“ и дека бил обучен од имамот Анвар Ал Аваки. – Ние сме бранители на пророкот, изјавил тој.

Телевизијата изутринава околу 9 часот и 45 минути успеала да стапи во контакт со терористите во печатницата во Дамартан-ен-Гуел, обидувајќи се да најде сведоци за евентуалните заложници.

Шериф Куаши се смета за предвоник на акцијата против „Шарли eбдо“.

Од своја страна Амеди Кулибали самиот и се јавил на редакцијата на телевизиата БФМ ТВ во 15 часот, откако го изврши нападот врз супермаркетот за кошер во Париз. Тој тврдел дека сака да стапи во контакт со полицијата.

Во разговорот тој признал дека го „синхрнизирал“ нападот со тој на напаѓачите врз „Шарли Ебдо“.

– Тие врз „Шарли Ебдо“, јас врз полицајците, изјавил Амеди Кулибали, кој вчера уби невооружена општинска полицајка во Монтруж.

Тој тврдел и дека е припадник на групата Исламската држава (ИД).

Во разговорот за БФМ ТВ тој рекол дека во продавницата има четворица убиени и дека меѓу заложниците има деца.

Тој рекол и дека се решил на ваков потег „за да ги брани угнетените во Палестина“ и дека ја избрал продавницата за кошер бидеќи таа е еврејска.