Наполи го чува врвот, „седумка“ на Јувентус

Фудбалерите на Наполи останаа на првото место во Серија А откако во последниот натпревар од 23-то коло на италијанското првенство со 2:0 го совладаа на гостувањето последниот тим Беневенто, откако претходно за момент актуелниот шампион Јувентус со демолирањето на Сасуоло од 7:0 привремено го презема врвот на табелата.

Наполи рутински стаса до победата, а головите ги постигнаа Дриес Мартенс во 20 и Марек Хампик во 47 минута.

На табелата води Наполи со 60 бодови, пред Јувентус со 59 бодови, додека Лацио е трет со 46 бодови и меч помалку. Беневенто останува закован на дното со само седум бодови.

Претходно во неделата торинската „Стара дама“ го торпедираше Сасуаоло постигнувајќи уште во првото полувреме четири голови, а во продолжението уште три. Најдобар играч на мечот беше Гонало Игуаин кој постигна хет-трик, во 63, 74 и 84 минута, двапати погоди Само Кедира, во 24 и 27 минута, а во листата на стрелците се запишаа и Алекс Сандро кој погоди во 9 и Миралем Пјаниќ во 38 минута. Сасуаоло е 15-то со 22 бодови.

Фиорентина на гостувањето ја совлада Болоња 2:1. Головите за „виолите“ ги постигнаа Џордан Верету во 41 и Федерико Киеза во 71 минута. Погодокот за домашните го постигна Ерик Пуглар во 44 минута. Фиорентина сега е 11-та со 31 од, додека Болоња е место подолу со четири бодови помалку.

Удинезе и Милан одиграа без победник 1:1. Гостите поведоа во 9 минута со убавиот гол на Суса, а домашниот изедначи во 76 минута по автоголот на голманот Џанлуиџи Донарума. Кевин Ласања нафрли од десната страна, топката го погоди Леонардо Бонучи, а потоа и Донарума од кого топката се одби во мрежата. Милан играше од 68 минута без исклучениот Давид Калабри. Удинезе е на 9-то место со 33 бодови, а Милан е на 8-та позиција со 35 бодови.

Аталанта со голот на Џанлука Манлини во 72 минута го совлада Киево, по што домашните се искачија на 7 место со 36 бодови, додека гостите од Верона се на 14 место со 22 бодови.

Со истиот резултат, со голот на Ченгиз Ундер во 43 секунда од мечот Рома на гостувањето кај Верона. Римската „волчица“ е на петтото место со 44 бодови, додека Верона е во зоната на испаѓање, на 19 место со 16 бодови.

Каљари со головите на Чигарини во 34 и Сау во 78 минута го совлада СПАЛ и се искачи на 13 место со 24 бодови, додека гостите останаа на 18 место со 17 бодови.

Во понеделникот колото го затвораат Лацио и Џенова.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.