Видео: Наполи го освои Суперкупот на Италија по 120 минути и 9 серии пенали

Драматичен натпревар се одигра во Доха, каде во Суперкупот на Италија Наполи го совлада Јувентус со 6:5 по изведувањето на пеналите.

Регуларните 90 минути ги завршија со резултат 1:1, додека по продолженијата 2×15 минути беше 2:2.

Јувентус, кој на два пати имаше предност, до неа доаѓаше со головите на Карлос Тевез, додека Гонзало Игуаин беше фудбалерот кој два пати го врати во игра својот тим.

Токму стрелецот на двата гола за “старата дама”, Тевез со непрецизен удар ја отвори серијата пенали за својот тим, а подоцна за Јуве промашија и Кјелини, Переира и Падоин. Кај Наполи лошо изведени удари од 11 метри испратија Жоржињо, Мертенс и Каљехон.

Екипата на Рафа Бенитез до вториот пехар во својата клупска историја стигна по деветата серија во изведувањето на пеналите. Клучниот пенал го промаши Падоин, односно голманот на Наполи Рафаел одлично одбрани и со таа интервенција му го донесе пехарот на својот тим.