Наполи ја намали разликата на водечкиот Јувентус

Фудбалерите на Наполи му се приближија на водечкиот Јувентус на два бода заостанување откако во неделата вечерта минимално со 1:0 (0:0) ја совладаа Џенова во Неапол во рамките на 29-то коло од италијанското фудбалско првенство, коешто го одбележаа четирите голови на Икарди во високата победа (5:0) на Интер кај Сампдорија.

Единствениот погодок го постигна Албиол во 72 минута. Наполи сега има 73 бода, додека актуелниот шампион Јувентус кој пред две кола го презема водството на табелата има 75 бодови, откако во саботата не успеа на гостински терен да го совлада слабиот СПАЛ (0:0). Џенова, пак, е на 13-то место со 30 бодови.

Во вториот натпревар одигран во неделата вечерта Лацио и Болоња одиграа 1:1, што е резултат постигнат уште во првото полувреме. Поведоа гостите во 3 минута преку Верди, а израмни во 16 минута Лукас Левиа. Лацио остана петти со 54 бодови, еден помалку со меч повеќе од четвртиот Интер, додека Болоња е 11-та со 34 бодови.

Претходно во неделата беа постигнати следните резултати: Сампдорија – Интер 0:5 (Перишиќ 26 / Икарди 30-11м, 31, 44, 51); Беневенто – Каљари 1:2 (Бригнола 46 / Паволети 90 + 1, Барела 90 + 7-11м); Кротоне – Рома 0:2 (Ел Шарави 39, Најнголан 75); Верона – Аталанта 0:5 (Кристенте 2, Иличиќ 45 + 4-11м, 48, 69, Гомез 71); Милан – Киево 3:2 (Калханоглу 10, Кутрон 54, Андре Силва 82 / Степински 33, Инглезе 34); Торино – Фиорентина 1:2 (Белоти 86 / Веротут 59, Таму 90 + 4-11м).

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.