Спорт

Наполи подобра од Рома, само „трошки“ за Пандев

Наполи подобра од Рома, само „трошки“ за Пандев

Со минималниот, но сосема заслужен триумф над директниот ривал во борбата за втората позиција на табелата, тимот на Рома, фудбалерите на Наполи направија уште еден голем чекор кон реализација на зацртаната цел за актуелната сезона, директен пласман во групната фаза од најпрестижното клупско натпреварување, Лигата на шампиони.

Единствениот погодок кој беше постигнат на неделниот дерби натпревар од 27. коло во италијанската Серија А, беше дело на шпанскиот интернационалец, Хосе Каљехон, а Наполи сега има негатива од само три бода во споредба со Рома која и понатаму е второпласирана на првенствената табела.

„Годинава одигравме неколку натпревари на кои доминиравме, а не освоивме ниту еден бод. Мора да бидеме задоволни од овој резултат, не е мала работа да се победи силниот тим на Рома. Мислам дека Наполи е единствениот тим кој сезонава забележа две победи над Рома. Ова е јасен знак дека сме на вистинската патека. Иако игравме без неколку стандардни првотимци покажавме колку сме квалитетни, дека го имаме потребниот интензитет,“ изјави по натпреварот предводникот на Наполи, Рафа Бенитез.
Поранешниот репрезентативец на Македонија, Горан Пандев ги одигра само последните пет минути од натпреварот.