Направен 100 трансплантации на бубрези за три години

Сто трансплантации на бубрези се направени на Клиниката за урологија од 22 март 2012 година до 6 февруари годинава. Тоа е еден од најголемите успеси во историјата на Клиниката, а најголем успех во историјата на трансплантологијата на бубрези во Македонија која датира од 1977 година кога првпат е извршена првата трансплантација во таа ЈЗУ. На Клиниката денеска се извршува 101 трансплантација на бубрези, 68-годишна баба му дарува бубрег на својот 24-годишен внук, пренесува МИА.

Директорот на Клиниката, Михаил Пенев денеска на прес-конференција рече дека за развојот на трансплантацијата придонел зголемениот буџет од Фондот за здравствено осигурување на Македонија и Министерството за здравство, кој изнесува 600.000 денари за некомплицирана трансплантација и милион денари за комплицирана и кадаверична транспланстација.

Посочи дека Владата во август минатата година донела одлука секој учесник во траснплантација на бубрези да добива по две празнични дневници. Тоа, нагласи Пенев, почна да се реализира и исплатена е првата транша од износот.

– Материјали и лекови има. Стоте трансплантации ги направи новата екипа со новиот шеф на екипата. Клиниката пред повеќе од три години ја напуштија два професори и четворица специјалисти. Од постоечката екипа се формираа две екипи кои во секој момент може да направат трансплантација и експлантација на бубрези и кадаверична и од жив донор, додаде Пенев.

Шефот на тимот за трансплантација на Клиниката, Сашо Дохчев истакна дека е зголемен бројот на преемтивни трансплантации, кои се извршуваат кај преддијализни пациенти. Посочи дека и денешната трансплантација е преемтивна и како се подготвуваат пациентите пред да отпочне процесот на дијализа тие прават трансплантација, што, според него, е на едно високо ниво.

– Како колегите од Клиниката за нефрологија ги подготвуваат пациентите, така ние ги оперираме и времето на чекање не е ниту две до три недели. По 100. трансплантација пациентите се во извонредна состојба. Станува збор за трансплантација од жив дарител односно мајка даруваше бубрег за својот 30-годишен син. Трансплантацијата беше идеална и е направена пред почетокот на процесот на дијализа, што е најдобар начин како да се лекува пациентот и да се избегнат компликациите. За ден два ќе бидат пуштени на домашно лекување, рече Дохчев.

Во претходниот период, посочи, кога на чело на екипата бил нивни колега уролог кој заминал во приватното здравство, од 1996 година до 2012 година се направени 216 трансплантации.

– Значи ние успеавме речиси двојно да го зголемиме бројот на трансплантации по година што претставува успех на завидно ниво. Со ваквиот зголемен број трансплантации, во 2013 година во официјалниот регистар на светскиот број на трансплантации на сите земји кои учествуваат во овој проект за трансплантација на бубрези, се позициониравме на деветто место што е досега најголем успех на нашата Клиника и на нашата држава, потенцира Дохчев.

Нагласи дека успеале минатата година да ја возобноват кадаверичната трансплантација (земање бубрези од починат дарител) и направиле 12 такви трансплантации.

– Тоа е возобновување на овој процес од далечната 1990 година кога последен пат на Клиниката се направени тие трансплантации. Успеавме да ја истрасираме иднината на трансплантологијата во државата. Успеавме да направиме тимска работа, секој член си го знае своето место и е заслужен за овој успех. Компликациите се 10 отсто и се движат во светски рамки, рече Дохчев.

Укажа дека четири до пет уролози главно учествуваат во сите трансплантации, а во иднината планираат да вклучат и од помладите колеги и да направиме тимови.

– Како што ние имаме успеси на Уролошката клиника, се надевам дека во иднина и другите колеги каде има потенцијал ќе почнат со трансплантација и на други органи – црн дроб, панкреас, срце и на други органи и македонското здравство да го достигне она ниво кое го заслужува, додаде Дохчев.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.