Македонија

Направена 100-та кардиохируршка операција кај деца

Направена 100-та кардиохируршка операција кај деца

На Детска хирургија денеска е направена 100-тата кардиохируршка операција кај деца. Херојот е седуммесечно машко бебе од Скопје со дијагноза тетралогија, објави Здравство24.

Интервенцијата ја изведе петнаесетчлениот американски тим од хирурзи, интернисти, кардиолози, перфузионисти и медицински сестри. Со нив во сала рамо до рамо е и македонскиот тим од Детска хирургија и Клиниката за детски болести. Според лекарите ова е голем успех за македонското здравство. Овие две години колку што доаѓаат американските експерти, само неколкумина, односно итни случаи се праќаат на операции во странство. Сите останати ги оперираат на Детска хирургија.

Сите деца се хоспитализираат на Клиниката за детски болести каде се прават сите потреби испитувања, се прави комплетна ехо дијагностика, а оние деца кои треба да се оперираат се префрлуваат на Клиниката за детска хирургија.Постоперативниот третман се одвива на Хируршките клиники и на Одеелот за Интензивна нега на Клиниката за детски болести.

Само од Клиниката за детски болести се вклучени 15 тина лекари од кои 7 специјалисти и исто толку специјализанти, како и дополнителен среден медицински персонал.Мисијата има за цел покрај операцијата на децата кои имаа срцеви проблеми и едукација на лекарите и средниот медицински персонал.

Американскиот тим кој ја направи 100-тата операција ќе биде во земјата до недела до кога на списокот имаат уште две деца за операција. Следната кардиохируршка мисија е во февруари. Тогаш најверојатно ќе има и деца за операција од Албанија а во тек се и преговори со Косово. Со тоа според лекарите се отвораат вратите Македонија да стане регионален центар за кардиохирургија кај деца.