Напредни обуки за македонските лекари во универзитетски клиники во странство

Новиот проект на Министерството за здравство предвидува напредни фокусирани обуки на македонски лекари во 50-те врвни универзитетски клиники според Шангајската листа во областа на медицината. За ова денес информираше министерот за здравство Никола Тодоров на денешната прес-конференција.

Тој посочи дека фокусот на овој нов проект кој претставува и нов пристап во делот на едукација на македонските лекари ќе се однесува на пет области од медицината и тоа ортопедија и трауматологија, офталмологија, дигестивна хирургија, неврологија и неврохирургија и неонатологија. Според проектот, во секоја од овие пет области ќе бидат испратени на едукација по тројца доктори за период од една година. Во наредниот тригодишен период со овие напредни обуки се планира да бидат опфатени уште дополнителни три до пет области од медицината. Министерството за здравство ќе објави оглас во медиумите на кој може да се пријават заинтересираните доктори кои по изборот за обуката ќе треба да потпишат и договор за лојалност.

– Идејата е во наредните три-четири години да бидат опфатени најголем дел од специјалносите во медицината во Македонија. Обуката ќе трае една година и ќе се одвива по принцип на ментори определни од Клиниката каде се врши обуката, а бидејќи се работи во најголем дел за хиоруршки гранки во првите шест месеци докторите ќе се образуваат на ниво на втор асистент, па на ниво на прв асистент, а во вторите шест месеци треба да бидат главни оператори, додека нивните ментори ќе им асистираат. По враќањето во Македонија тие ќе дојдат заедно со нивните ментори каде ќе престојуваат во земјава една до две недели и ќе направат одреден број интевренции за кои се специјализирале, рече Тодоров.

Докторите коишто ќе ги поминат овие обуки ќе имаат обврска да обучат со овие унапредени вештени најмалку два свои колеги лекари по можност од клиничките болници за период исто така, од една година веднаш по враќањето.

Министерството за здравство ќе ги покрие сите трошоци за обуката која вклучува и плата што докторот ја примал така, како и дополнителна плата за ангажманот на докторот во универзитетската клиника каде е на обука.