Напролет Македонија ќе ја добие понудата за „Турски тек“

Рускиот претседател Владимир Путин не се откажува од идејата за градење на гасоводот „Турски тек“ кој преку Турција треба да ја снабдува Европа со руски гас. Ќе им понуди на Грција, Македонија, Србија, Унгарија и Австрија руски фирми да го градат гасоводот од границата со Турција, па се до Виена под најповолни услови, објавуваат српските медиуми, пренесува МИА.

Понудата да учествуваат во градбата на новиот гасовод, која, како што се наведува, не може да се одбие, на земјите низ кои ќе минува, ќе им биде доставена пролетва.

– На земјите на трасата на гасоводот ќе им биде понудено гасоводот да се гради со руска концесија која би била плаќана преку надоместокот за проток на гасот или, пак, да им се даде кредит речиси без камата. Се очекува огромен притисок од ЕУ и САД проектот да биде одбиен, но и огромен притисок од гласачите до владите од Атина до Будимпешта да објаснат зошто одбиваат толку голема и исплатлива инвестиција, пишува „Информер“.

Се нагласува дека Путин на неодамнешната средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан во Будимпешта разговарал токму за овој проект, кој наводно е веќе договорен со грчкиот премиер Алексис Ципрас.

„Политика“, пак, посочува дека Путин има голем план за Европа што преку гасоводот треба да ги „закачи“ Србија и земјите низ кои е предвидено да поминува новиот гасовод.

– Русија јасно се определи за јакнење на турската позиција како голем енергетски гигант. Се очекува изградба на гигантско складиште на гас во близина на турско-грчката граница од каде и треба да почне изградбата на новиот гасовод до Европа. Посетата на Путин на Будимпешта јасно говори за замислата која ја има, но се очекува голем притисок од Европа кон Грција и кон Турција, пишува „Политика“.

Русија минатата година поради политички притисок од Брисел се откажа од гасоводот „Јужен тек“ кој требаше да поминува под Црното Море па преку Бугарија, Србија и Унгарија да стигне до Австрија. За Македонија беше предвидено да биде пуштен крак од овој гасовод за задоволување на потребите, но не беше прецизирано дали кракот ќе доаѓа од Бугарија или од Србија. Веднаш потоа Русија и Турција се договорија за изградба на нов гасовод до грчката граница, а сега соработка ќе им биде понудена и на Грција, Македонија, Србија, Унгарија и Австрија. Доколку новиот гасовод биде изграден преку македонската територија земјава ќе може да заработи значителни средства од надоместокот за транспорт на гасот.