Нарикача

Во Црна Гора и Србија има едно посебно занимање – нарикача. Тоа се жени со талент да плачат, лелекаат и запомагаат на туѓи гробови, и туѓи погреби вршејќи го тоа како своја работа, за пари. Професионална нарикача.

Има една жена, Велинка Вуковиќ од село Лековина кај Бјело Поље која е нашироко позната, далеку надвор од Црна Гора, и многу барана. И добро платена. Кога таа ќе земе да го тажи и лелека покојниот ни родена фамилија не може да го познае во неговата големина, племенитост, посветеност… Просто, да ти е мило да легнеш на негово место, и да те пеат така голем, важен, умен и добар каков што никогаш не си бил.

Нарикача му ја менува биографијата и историјата на покојниот.
Јас не измислувам, само го кажувам она што за покојникот од Господ го слушам… вели Веселинка Вуковиќ, од село Лековина. Оплакува и лелека барем дваесетина минути, колку што траат и пресовите на Заев.

А талент како талент, се јавува и лежи во човек до прва прилика кога полетува.
Еве, гледам деновиве како Заев, Шекеринска и СДСМ, нарикачи по професија, лелекаат над смртта на газдата на Фокус Никола Младенов, ставајќи ја и таа трагедија на рулет масата на својата политичка судбина и партиски профит.

Нарикачите беа тука да направат партиски профит и од трагичната судбина на девојчето од Велес, на децата од Смилковско Езеро, на Мартин Нешковски…

Се што носи профит за СДСМ, се е во игра. Па и туѓа смрт. Тоа особено.
Го гледав на прес Заев како им се додворува на новинарите дека некој, ете, ги прислушувал, ги користел и злоупотребувал. Ама, тој ќе ги спаси. За возврат, нели, новинарите треба да го спасат него. И СДСМ заедно со Рада Ладна и Шилежето.

Според единствени досега утврдени факти, тој што ги прислушувал се вика Зоран Верушевски и неговите соработници кои се сега во притвор. А прислушувале за потреби на СДСМ кому, преку Заев, ги дале снимките од тие разговори. Ако се разговори верни.

Па, другарче Зоки, кому ти продаваш замена на тези… а?
Потоа, другарче Зоки ги подели новинарите на нивни (вмровски) кои се лоши, и нашите (седесовски) кои се добри. На лошите им ги објави телефонските разговори, а на неговите не. Полтронската провинциска жица на Заев, како воајер и сплеткарош, уште еднаш се потврди.

Кога дојде редот да се каже за снимени разговори на Никола Младенов, другарче Зоки кажа дека нема да ги објавува, туку ќе ги дал на фамилијата. Брееее, што му текнало на мангупот струмички. Заборавил дека пресот е во Скопје, а не во Муртино.

СДСМ труби за телефонските разговори на Никола Младенов кои, според нивните нарикачи, упатувале на злосторство, а не сообраќајка. Сплеткарат и градат партиски профит од туѓа несреќа, и туѓа смрт. И, кога се здаде прилика разговорите да се објават, Заев исчуре… немало материјал да ги потврди нарикачите.

Види другарче, пошто светот не завршува во Муртино каде што ти се клањаат, кога сакаш да правиш некрофилски капитал од смртта на Никола Младенов да те потсетам дека твоите партиски премиери пред смртта му земаа 50.000 евра по тужба за клевета. Не Груевски, не некој од ВМРО… туку твоите шефови од СДСМ!

Ако сакаше да бидеш скопски, а не муртински фраер, требаше дента да извадиш 50.000 евра и да кажеш дека го враќаш на неговата фамилија она што твоите партиски шефови на таа фамилија и го земале. Но, ти одбра сплетки и некрофилија. Бедно.

Никола Младенов и јас работиме заедно од осумдесеттите, во тогашниот Млад Борец. Кога Томи Османли и Шољаковски ни беа уредници… Николче прв пат се вработи во Млад Борец, откако јас се откажав од напишано решение за вработување кое ми го даде тогашниот главен уредник Пеце Груевски. Умре татко му на Николче, имаше помала сестра и мајка и вработувањето му требаше повеќе отколку на мене, иако јас бев пред женење, со жена студентка и со дете на пат.
Бевме заедно и кога се правеше Фокус. Најомразен неделник меѓу комуњарите.

Николче е два пати апсен од полицијата на СДСМ. Два пати бев сам кога го вадев од полициска станица. Првиот пат во мандатот на Фрчковски ми помогна Павле Трајанов, а вториот пат Џаро и Рафет Мумуновиќ кои го молеа Чокревски да се смилува за Николче.

И после се, дојде време на прес на СДСМ Заев да го книжи во нивни партиски новинари, да го крсти доајен, и да тргува со неговите телефонски разговори… Мизерно.

И затоа, шетај ги Зоки тие бизнисменски кондурчиња број 39 низ Муртино, и таму продавај магла и некрофилија. Ова, дечко, е Скопје. За тебе, недостижен Менхетн.

Во списочето на нивни новинари со телефонски разговори снимени од бандата, а добиени од Верушевски, кои Заев не ги објавувал има и една нивна новинарка која, така невина и високо етична, во 2006 лобираше за тогашниот премиер Бучковски токму на Сител каде сум јас главен уредник, а нели јас сум лобист на Груевски.

Па така таа новинарка организираше ручеци во Уранија кај Ставре на кои водеше газди на телевизии да ги убедат, со Буч, дека треба да работат за СДСМ затоа што победата е гарантирана, а во спротивно не им се пишува добро. Дека Буч префрлил 500.000 евра кај Велија на А1 за да се раздолжи со Американците кои се од негова.

На таа телевизија, на која сум тогаш и сега главен уредник, вести водеа главните телали на СДСМ, како Борјан Јовановски, Драган Антоновски или Зоран Иванов.

И работеа, богами, долго време. А, пак, на избори победи Груевски.
Во тоа списоче на етички новинари во функција на СДСМ има и новинари кои ќутеа како мифки кога Велија им затвараше весник, и јавно им кажа дека кој бара да му се платат плати и придонеси за изминатиот период може слободно да си оди. Етички, нели.

Во тој список се и новинари на А1 кои јавно аплаудираа пред камери кога Бранко му се закануваше на Сител. Не се сеќавам таков блам да му се случил на Груевски.
Заев, Шилежето и Шекеринска со ладната трајна ги фрлаат во овој огин сите. Трубеа дека има 26.000 прислушувани граѓани за да создадат солидарност и поддршка за себе, а нема никаков, ама баш никаков доказ дека е така. Просто, лажат па кој се фати – се фатил.

Ги пуштија разговорите во кои сме Сашо Мијалков и јас за да добијат на широка популарност. Сашо и јас сме мит во Скопје, легенди, за кои постои широк интерес да се знае се за нив, особено да се влезе во нивната приватност која со децении е надвор од дофат на јавноста. ОК. Акцијата на Заев доби на популарност преку нас, но како следеа другите разговори интересот радикално паѓаше. И паѓа и понатаму. Едно е да биде јавно интересно, а сосема друго да биде политички прифатено и поддржано од јавноста.

Нов обид да се навлече што е можно повеќе луѓе во огнот за да се обезбеди солидарност и поддршка се дипломатите. Заев им рекол дека имало шест прислушувани дипломати, ама снимките не им ги дал. Ќе им ги дал после, кога тој ќе процени.

Во меѓувреме еден од бандата на Заев и Верушевски признал дека снимале криминално – по своја воља, за пари и за партиски потреби на Заев. По ова признание сега работите изгледаат сосема поинаку. Дефинитивно, не снимала полицијата.

Ако некој снимал, жртви се министрите од владата и ние неколкумина чии разговори се објавени, како и дипломатите чии разговори Заев ги селектира и чува. Накусо, сите ние сме од иста страна: Груевски, министрите, Сашо, јас, дипломатите… сите во клубот на незаконски прислушувани со снимки дадени на Заев.

Заев е од другата страна. Онаа која сака да има профит од тие снимки.
Кога сме кај дипломатите… случајно му се протна на Зев објавена снимка од разговор на Груевски дека од амбасадата на САД ургирале кај премиерот да не се руши дивоградбата на Фијат Цаноски, затоа што бил финансиер на Велија и на А1.

Е, сега кај обичен човек тоа отвара нови теми: а зошто дипломатите не ургираат кога се руши објект на обичен човек, кој не е финансиер на Велија и А1? И се потврдуваат гласините дека соросоидите, А1, СДСМ, Велија… се надвор од законот, заштитени од своите милиони, своите партиски комбинации.. и – од дипломатите. Ова отвара длабоки етички и политички прашања за селективниот однос од дипломатите кон Македонија.

Оваа врска е дополнително интересна ако се знае каде работела жената на еден од двајцата притворени кои неовластено прислушувале за пари, и за потреби на СДСМ.

Заев, партиската нарикача, кажа дека очите му биле црвени затоа што по цел ден и ноќ слушал снимки и селектирал што ќе се објави… ееееј, тој е судија за сите нас! Добил незакосни телефонски снимки, и сега тој цени и суди кој ќе биде јавно бламиран.

И не се само разговори. Едниот од уапсените продавал софтвер на книговодствени компании, и ги исцицал податоците за фирмите со кои сега располага СДСМ.

Од црвенилото во очите, и воајерската страст, другарче Зоки не може да гледа подалеку од врвот на сопствените кондури. А тие се број 39. Женски број.

Го гледам Заев и Шекеринска со ладната трајна како плачат над туѓите гробови. Длабоко, заносно и посветено на покојниците… до толку уверливо што на фамилијата и е незгодно да слуша, посрамена што тој, таков, тажи и лелека повеќе по покојникот и од нив самите.

Но, по дваесет минути, тој ќе ги земе своите пари и ќе замине… а ние остануваме тука.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.