Народната партија победи во Мадрид, но нема да управува

Шпанската владејачка Народна партија победи на локалните избори во Мадрид, но би можела да ја загуби контролата во Градскиот совет првпат од 1991 година.

Според официјалните резултати по пребројување на 97 отсто од гласовите од локалните изборите одржани вчера, Народната партија ќе има 21 место во локалното собрание, кое има вкупно 57 пратеници.

На второ место е коалицијата „Аора Мадрид“ (Мадрид сега) која ја поддржува Подемос со 20 места, додека социјалистите се трети со девет места.

Според аналитичарите, „Аора Мадрид“ може да формира левичарска коалиција со социјалистите и да добие апсолутно мнозинство.

Слична е ситуацијата и во вториот по големина град во Шпанија Барселона, каде левичарите од движењето Индигнадо имаат едно место повеќе во Градскиот совет од најблискиот ривал.