Народот е тој кој дава мандат и легитимитет на избори

Експерите согласни и ги поддржуваат ставовите на премиерот Никола Груевски искажани на трибината одржана во неделата во спортскиот центар „Борис Трајковски“.

Политичкиот аналитичар Ристо Никовски во дебатата на Канал 5 телевизија истакна дека ниту има можност, ниту потреба од преодна Влада. Груевски пак, во својот говор, потенцираше дека барањето за преодна влада во Македонија е можно и остварливо, но без ВМРО-ДПМНЕ во неа.

-Ние сме сметале и секогаш ќе сметаме дека народот е тој кој дава мандат и легитимитет на избори и дека народот бира кој ќе формира влада а кој не. Со формирање на преодна влада се отвора простор за сериозен преседан, кој потоа лесно може да биде предмет на конфликтност меѓу партиите, посочи премиерот.

По однос на барањето на Заев за преодна влада, аналитичарот Никовски смета дека дека основниот политички излез од кризата би бил во Собрание, но такво нешто не е можно зошто, како што нагласи, раскараноста е тотална и излегување на таков еден мирољубив начин не е возможно.

-Оваа власт има свој мандат, добиен со такво мнозинство што никој не може да го оспори, а дали победата финална ќе била со 100 или 120 илјади гласови не е битно. Секој инволвиран во овие нелегални , криминални објавувања на приватни разговори треба да оди на суд. Сите тие треба да го тужат тој што ги дистрибуира тие тајни, доверливи, приватни работи. Најголемото човечко право е приватноста, или едно од најголемите. Кога некој тоа го разголува, го дава без ваша согласност, треба секој да оди на суд, вели Никовски.

Аналитичарот воедно смета и дека не е можно Грција да не е вмешана во кризата наметната од лидерот на СДСМ Зоран Заев.

-Сега е некаква дилема дали се странските служби инволвирани или не. Странските служби во еден ваков настан во Македонија не може да бидат надвор. Менаџерот, носителот на тоа е некој од надвор. Мислам дека кај нас некои се залетале сметајќи на некои краткорочни придобивки и прават невидена штета на државата, истакна Никовски во Дневник Плус на Канал 5.

Поддршка кон позициите на Груевски даде и новинарот Васко Ефтов кој е согласен дека целиот процес кој и се случува на Македонија мора да има институционална разрешница.

-Треба да има судска, па политичка разрешница на случајот со прислушкувањето. Афера со прислушување сама по себе е голема афера. Неминовно е да има политичка и судска разраешница. Ќе дојде до делење на судскиот процес на два дела, обвинителството ќе мора да го подели на два дела. Тоа е сплетот на околности, судска, па политичка разврска, вели Ефтов кој нагласи дека дека истрагата ќе покаже која е врската помеѓу Зоран Заев и Зоран Верушевски.

Ефтов смета дека сè ќе се одвива низ еден сосема транспарентен судски процес, бидејќи, како што рече, власта тоа го сака, што значи дека ги имаат доказите на располагање.

И премиерот Груевски во недела посочи дека целта ситуација ќе заврши со правна постапка согласно законите во Македонија.

-Правна постапка за секој за кој има сомневања и докази дека го прекршил законот, и за кој институциите на системот за кои ме радува што побараа и меѓународен мониторинг, а тоа и ние го поддржуваме, ќе ценат за што какви докази постојат и совесно и самостојно ќе одлучуваат, потенцираше премиерот.

Голем дел од експертите велат дека огромната бројка на луѓе која беше присутна на неделната трибина е една потврда за премиерот, а удар за Заев за тоа дека народот му верува и му ја дава поддршката на Груевски и ги поддржува неговите позиции.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.