„Народот знае што значи да се бориш за Македонија“

Граѓаните знаат да препознаат кој се бори за Македонија. Денеска повторно ќе ви кажам што значи да се бориш за Македонија. Пред 3 недели најавивме ваучери за студентите од 3та и 4та година, чии родители имаат пониски примања од просечната плата во Македонија, ваучери со кои бесплатно ќе можат да си набават таблет со тастатура. Законот веќе помина во парламентот и постапката за аплицирање е започната, рече Груевски на народниот собир во Тетово.

-Најавивме и мега проект за огромни стимулации за фирмите со цел вработување на невработени лица. Законот е веќе во парламентот во процедура на усвојувње. Ги опфативме младите до 35 години, за чие вработување секој работодавач ќе добие ослободување од персонален данок и придонеси цели три години, со обврска да ги задржи уште најмалку една година на работа.Ги опфативме сите граѓани на возраст меѓу 35 и 50 години кои повеќе од 10 години немаат работа, со мерка со која работодавачот кој би ги вработил нема да плаќа за нив придонеси цели 5 години, со обврска да ги задржи уште најмалку една. Ги опфативме и оние над 50 години, за кои фирмата која ќе ги вработи во наредната една година, нема да плаќа придонеси за нив цели 5 години без никакви обврски потоа, додека оние кои ќе вработат некој кој има 58 години или повеќе, до нивното заминување во пензија, кога и да е, ќе ги има тие привилегии, рече Груевски.

Тој рече дека во посебна група се опфатени и најранливите категории граѓани, како оние кои се приматели на социјална помош, инвалидизирани лица, родители на деца со посебни потреби, деца израснати во домови за деца без родителска грижа, професионални војници, самохрани родители и еднородителски семејства, и други ранливи каатегории, за чие вработување исто така се предвидува 5 годишно ослободување од придонеси.