НАСА нуди милион долари за идеја за робот

Aмериканската астрономска агенција НАСА го распиша конкурсот насловен „Спејс роботикс челинџ“ – натпревар во вселенска роботика.

Станува збор за избор на најдобрата идеја за робот којшто би имал задача на помошник на астронаутите во мисијата на Марс. Победникот во натпреварот ќе добие еден милион долари.

НАСА веќе подолго време работи на проектот „Робонаут 5“ (Р-5), роботи оспособени за повеќе функции, коишто би помогнале во научно-истражувачката дејност, а во одредена ситуација би можеле и да ги спасат животите на астронаутите. Научниците од агенцијата веќе имаат конструирано таков робот во склад со земските услови, којшто има еластична технологија, наместо вообичаената хидраулика. Но, и таа технологија не би ја издржала ниската температура и другите фактори на кои ќе наиде мисијата на Марс, проценуваат стручните лица.

Проектот Р-5 е започнат уште во 1996. Еден од тие роботи денес се користи на Меѓународната вселенска станица (ИСС), вештачки сателит кој кружи околу Земјата. Научниците сметаат дека еден ден овие роботи ќе можат да функционираат и вон земските услови.

Во текстот на конкурсот, НАСА бара од иноваторите, Р-5 роботот што ќе го конструираат и програмираат, да содржи комуникациски вештини, како и податоци за поправки на соларната енергетска структура и други делови на вселенското летало. Треба да се имаат предвид и песочните бури на Марс, нивните последици и справувањето на космонаутите со сето тоа во нивните привремени престојувалишта.

Финалистите на конкурсот ќе бидат објавени во декември, а конструкцијата на новиот Р-5 е предвидено да започне во јануари наредната 2017 година. Победникот ќе биде прогласен кон крајот на јуни во Вселенскиот центар во Хјустон.