„Наш специјалист“ нов проект на Министерството за здравство

Нов проект „Наш специјалист“ на Министерството за здравство почнува со имплементација на 4 април како резултат на последните измени на Законот за здравствена заштита. Министерството со патен налог ќе упатува доктор специјалист од една во друга јавна здравствена установа до три дена односно најмногу до пет дена, во текот на месецот, со цел надминување на проблемите во здравствениот систем како резултат на недостиг на определени специјалисти во определени подрачја на државата.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека проблемот е создаден како резултат на недоволен број вработувања во минатото или недоволен број специјализации од различни области односно неводење сметка за човечките потенцијали во здравството кои се столб на секој здравствен систем.

Според него, трајно решение на овој проблем е создавање кадар во таа област. За жал, појасни, кадар во областа на медицината не може да се создаде преку ноќ, за тоа се потребни пет, шест и повеќе години и за да се надмине проблемот го претставуваме проектот „Наш специјалист“.

– Целта е до јуни 2016 година за 50 проценти да се намали упатувањето кон болниците или клиниките за конкретни специјалности со што ќе се намали времето на чекање во овие здравствени установи, а ќе се зголеми квалитетот на здравствената услуга затоа што докторите нема да треба да прегледуваат по 40, 50, а во некои градови дури и до 60 пациенти во текот на еден ден во кој е големо неговото оптоварување, истакна Тодоров.

Тој посочи дека досега имло интерес од здравствените работници за нивно вклучување во проектот во кој тие ќе бидат упатувани со патен налог, а ќе им бидат недоместени трошоците за пат и дневни трошоци од страна на здравствената установа во која ќе бидат упатени.