Нашиот Ибраими денес дебитира во ЛШ

Македонскиот репрезентативец Агим Ибраими вечерва ќе биде 13-от Македонец кој ќе заигра во елитната Лига на шампионите, откако со Марибор ќе го дочека Спротинг Лисабон на својот стадион во првото коло од новата сезона во европската елита. Ибраими во интервју за словенечка „Екипа“ смета дека настап во мултимилионското друштво е врв за еден фудбалер.

„Чувството кога ќе ја слушнете химната на Лигата на шампионите е најдоброто нешто што може да му се случи на еден фудбалер. Јас никогаш не сум играл на СП, но мислам дека настап во ЛШ е уште поважен. Химната на ЛШ е легендарна, а кога ќе ја слушнам косата ми се крева од возбуда. Во минатите сезони, кога игравме и кога ја слушавме химната, сонувавме да бидеме дел од ЛШ. Но, ги гледавме на ТВ секои две недели мечевите. Сега сме дел од елитата и имаме можност на своја кожа да почувствуваме што значи ЛШ“, вели Ибраими.

Македонското крило посакува успешен почеток на настапот, кој доаѓа по една деценија откако Словенија преку Марибор за првпат доби претставник во елитата, нешто што Македонија веќе две децении го сонува.

„Добро е што играме на првиот меч дома. Добро е да се скрши мразот пред својата публика. Споринг е добар тим, таму играл Кристијано Роналдо и тоа е екипа која е фабрика за добри играчи. Доволен доказ е дека го вратија Нани. Спортинг не е на ранг на германски и шпански екипи, но е силен“, додава Ибраими.

„Ние нема што да загубиме, а можеме многу да добиеме. Но, ова не значи дека со страв ќе влеземе во мечот. Ние ќе се обидеме да ги повториме игрите од дуелите со Селтик и Макаби, да бидеме смирени, трпеливи. Сепак, првенството е наш приоритет и не смееме да го жртвуваме. Џабе играњето во ЛШ, ако ја загубиме титулата“, додава Ибраими.

Извор: www.sportmedia.mk