Насилни демонстрации против Доналд Трамп во Њу Мексико

Демонстрациите против републиканскиот кандидат Доналд Трамп и неговиот предизборен настап во Конгресниот центар во Албукерк, во сојузната држава Њу Мексико, се претворија во насилни, откако демонстрнтите почнаа да фрлаат камења и стаклени шишиња, како и запалени маички кон зградата на центарот.

Интервенирала полицијата која во обид да ги растера демонстрантите и да воспостави ред, користела гранати со чад, но најнасилните демонстранти се судрили и со полициските сили, пишува „Њујорк тајмс“.

Дел од демонстраните се обиделе да го попречат и настапот на Трамп носејќи транспаренти „Трамп е фашист“ како и „Доволно слушнавме од него“.

Њујоршкиот милијардер е најверојатниот кандидат на Републиканската партија за иден претседател на САД.

Трамп во своите претходни настапи предизвика бурна реакција во американската јавност, со заложбите дека ако влезе во Белата куќа ќе изгради ѕид на границата со Мексико за да го запре напливот од имигранти од оваа соседна земја, како и од другите латиноамерикански земји.

Честопати тој јавно ги навредуваше Мексиканците како „криминалци„ и „силувачи“ предизвикувајќи гнев во Мексико и вознемиреност на светската јавност.

Сојузната држава Њу Мексико има најголем број од Хиспаноамериканското население во САД.

Во Албукерк, Трамп зборувал пред четири илјади луѓе и во својот познат стил, на настапот ги исмевал демонстрантите, нарекувајќи ги „деца кои треба да се вратат кај мајките“.

Републиканскиот гувернер на Њу Мексико, Сузана Мартинез како и низа високи функционери од партијата од оваа сојузна држава, одбиле да присуствуваат на предизборниот настап на Трамп.

Гуверенерот Мартинез е остар критичар на Трамп и противник на неговата претседателска кандидатура.