Анализи

Насилство или убиство во обид, правда или неправда?

Насилство или убиство во обид, правда или неправда?

Да не беше реакцијата на одредени медиуми, иако насочена на погрешна адреса, јавноста немаше да знае за бруталното претепување на дваесетгодишниот Никола Саздовски од скопската населба Кисела Вода и член на навивачката група „Комити“. Тој веќе неколку дена се бори за својот живот во Клиничкиот центар, откако поради нетрпеливост беше претепан од членови на друга етничка и навивачка група.

За разлика од случајот со Саздовски, граѓаните вчера, а и неколку недели претходно се бомбардирани со информации за судењето за „убиството во обид“ на Зијадин Села. Претеникот и лидер на „Алијанса за Албанците“ го извлече најдебелиот крај во настаните во Собранието на 27 април лани, а тепачите се осудени на повеќегодишни затворски казни. Па така вчера седумина обвинети добија вкупно близу 81 година затвор, односно никој не доби казна помала од десет години.

Јавноста со право обвинува дека судиите носат политички пресуди, а обвинителствата ги менуваат обвиненијата и во зависност од потребата, бараат и минимални наместо максимални казни за што има безброј примери. Па така и тепачите на  Села можеа да одговараат и да бидат осудени за насилство, или, пак за учество во толпа кое врши кривично дело, но сепак одат во затвор бидејќи имале намера да го убијат пратеникот. Така барем заклучило обвинителството и судот.

Но некој треба да објасни како, на пример, Имер Никшиќ пред две години беше осуден на казна затвор од 5 ипол години за обид за убиство на хирургот Љубомир Огненовиќ во Клиничкиот центар. Никшиќ со пиштол шетел низ Клинички и со умисла дошол да го убие лекарот, кој ја оперирал неговата мајка, која починала по операцијата. Вистинска среќа е што немаше повеќе настрадани во дождот од куршуми, од кои два завршија во хирургот, како и при демолирање на инвентарот во болницата.

Дали пресудите за убиство во обид ќе бидат потврдени ќе покаже времето, но многу веројатно нема да бидат променети ако, како што самиот адвокат на Села кажа, обвинителот го прашувал дали се согласуваат да го ослободат од обвинение Сашо Секов поради недостиг на докази.

Иако МВР беше повикано дека го заташкува случајот со претепувањето на Саздовски, полицијата со самиот опис на крвавиот настан, а за кој ја информираше јавноста навремено, покажа како и за кого функционира правдата.
Имено на 29.06.2018 година околу 17.40 часот на автобуската станица на булевар Александар Македонски три машки лица излегле од автомобил „мерцедес“ и физички го нападнале Саздовски. Тие со возилото избегале, а момчето со возило на Итна медицинска помош било пренесено во Комплекс клиники “Мајка Тереза”, каде се уште е во кома. Полицијата веднаш уапсила двајца, и трага по третиот напаѓач. И се до тука е во ред.

Основното јавно обвинителство Скопје го води настанот како потежок обид за насилство за кое според Кривичниот законик е предивдена затворска казна од три до десет години, но не го води, на пример како убиство во обид, иако неофицијално момчето е прободено со нож.
Очигледно е која била намерата на насилниците, припадници на друга етничка и навивачка група, но ОЈО не гледа така. Може само да се надеваме дека Саздовски ќе закрепне и нема да има потреба насилниците да одговараат за убиство, но ако можат тепачите на Села, тогаш можат и напаѓачите на Саздовски да одговараат за убиство во обид. Се додека има двојни аршини нема да може за зборуваме за правда и за мир.