ВИДЕО: Насилство на првиот протест против СИРИЗА во Атина

Првиот протест против владејачката левичарска партија СИРИЗА, вчеравечер во Атина, мина со големи нереди и насилства, јавува „Би-Би-Си“, пренесува Нетпрес.

Нередите почнале кога десетина демонстранти фрлиле молотови коктели и камења кон полицајците. Во немирите биле опожарени и десетина автомобили. Исто така, биле демолирани излози и автобуски постојки.

– Протестите, проследени со немири, се случија во предвечерието на гласањето во германскиот Бундестаг за тоа дали да се обезбеди финансиска помош за Грција. Зделката, која е одобрена од Грција и од меѓународните кредитори минатата недела, предизвика разногласија дури и во самата СИРИЗА. Ако биде ратифицирана, спогодбата ќе и’ овозможи на земјаата спасително четиримесечно пролонгирање на кредитната програма во замена за државни реформи, објавува „Би-Би-Си“.

Грчкиот премиер, Алексис Ципрас, силно ја брани спогодбата, но некои членови на неговата левичарска партија ја опоменуваат владата да се сети на предизборните ветувања.

СИРИЗА дојде на власт во Грција во јануари, годинава, со ветување за предоговарање на долгот на земјата и со тоа дека ќе стави крај на режимот на строгите органичувања.

Грчките медиуми, пак, повикувајќи се на извори од еврозоната, објавуваат дека земјата се движи со брзи чекори кон трет меморандум и трет заем.

Весникот „То Вима“ пишува дека, според негови извори, „Грција може да има потреба од нов заем во висина од над 30 милијарди евра, во следните две години“.

Според текстот, кредиторите одлучувале зад затворени врати за можноста за нов спасителен пакет за Грција, и тоа уште пред да се одржат предвремените парламентарни избори.

– Спогодбата со Грција може да ги промени нештата, но многумина во Еврогрупата не се убедени, дека Атина ќе ги исполни своите ангажмани. Новата грчка влада треба да биде подготвена за дополнителни буџетски мерки, пишува весникот „Етнос“, повикувајќи се на неименуван извор од еврозоната. Во објавеното се вели дека во следните четири месеци нема да има дискусии за олеснувања на грчкиот долг.

Сигналите од Атина ги вознемируваат кредиторите и не е исклучено Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) да ја одложи следната транша за Грција. Ако тоа се случи, тогаш тоа ќе биде доста вознемирувачки кредитен настан, предупредил неименуван извор од ММФ.

Грчкиот министер за финансии, Јанис Варуфакис, во своја изјава за „Блумберг“, уверувал дека Европа и ММФ нема да ја остават Грција да банкротира. Тој рекол дека новата грчка влада ќе направи се’ што е возможно, за Грција да остане во еврозоната.

Весникот „Та неа“ објавува текст во кој го цитира премиерот Алексис Ципрас, кој ветува дека владата многу брзо ќе пристапи кон радикални реформи.