Наскоро еден телефонски број за полиција, пожарна и брза помош

Без разлика дали избил пожар, дали е потребна итна лекарска помош, полициска интервенција или се случила сообраќајна или друга несреќа со тешко повредени лица, македонските граѓани наскоро вакви инциденти ќе пријавуваат на единствен телефонски број за итни случаи – 112, пишува Дневник.

Така, граѓаните ќе помнат само еден број наместо досегашните четири, со што значително ќе се олесни барањето помош при ситуации во кои сериозно е загрозен нечиј живот или имот.

Агенцијата за електронски комуникации (АЕK) го утврди правилникот за единствениот европски број за итни повици 112 и текстот е ставен на јавна расправа, со што по неколку години подготовка се заокружува правната рамка за конечна реализација на овој проект. Покрај предностите што ги дава практичната примена на само еден итен број, неговото воведување е обврска на Република Македонија на патот за да станеме полноправна земја- членка на Европската Унија. Во сите извештаи на Европската комисија за напредокот во пристапниот процес на земјава има забелешка дека се’ уште не е воведен овој број за незгоди и итни случаи.

Со правилникот на АЕK се пропишува обврска за сите фиксни и мобилни оператори на јавни телефонски мрежи да обезбедат бесплатно да се избира бројот на службата за итни повици. Бројот ќе мора да биде достапен и од мобилни телефони без СИМ-картичка и од јавните телефонски говорници. Операторите треба на службата да ~ достават податоци за локацијата од каде што е упатен повикот и тоа веднаш по проследување на повикот, како и сите податоци со кои располагаат за остварениот телекомуникациски сообраќај кон бројот 112, односно името и презимето или називот на повикувачот, повикувачкиот телефонски број, времето на повикот и времетраењето на повикот.