Наскоро започнува изградбата на новата полициска станица во Ѓорче Петров

На површина од 1.400 метри квадратни, кај црквата Свети Петар и Павле во населбата Ѓорче Петров, ќе започне со изградба новиот објект за полициската и противпожарната станица, изјави денеска министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Објектот е предвидено да се изгради во рок од 14 месеци, а во него ќе има современо опремени простории за задржување на лица, простории за разговори, просторија за Народниот правобранител, дежурна служба, како и базна станица за изработка на лични документи на граѓаните.

Објектот ќе има сутерен, приземје и два ката и се проценува оваа инвестиција дека ќе чини 52 милиони денари.

Според проектното решение објектот ќе биде изграден по теркот на современите архитектонски трендови и функционалност согласно намената на објектот, а истовремено ќе бидат целосно запазени и потребните безбедносни стандарди. Наедно, предвидено е да има и непречен пристап за лица со инвалидитет, како и физичко обезбедување на објектот, односно ограда околу целата локација.

Сегашниот објект каде во моментот се наоѓа полициската станица Ѓорче Петров е изграден во 1963 година.

Според информациите на МВР, во текот на минатата година стапката на криминал во оваа општина е намалена за 8,8 отсто, односно регистрирани биле 1.180 кривични дела, во споредба со 2013 година кога се регистрирани 1.295 дела.