Настава на англиски јазик и здрава храна новитети во Воената академија

Исхрана со повеќе овошје и зеленчук ќе им биде воведена на македонските војници според новиот Правилник за исхрана кој го изработува Министерството за одбрана.

Министерот Зоран Јолевски, вели дека засега како пилот проект веќе е започнат да се реализира на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“.

„Новиот начин на исхрана кој е карактеристичен за ова поднебје и содржи повеќе овошје и зеленчук во редовниот оброк. Овој начин на исхрана, како пилот проект, веќе се практикува кај питомците од Воената академија“, вели министерот Јолевски.

svecena-zakletva-vo-voena-akademija_42811

Настава на англиски јазик за побрза адаптација на војниците во мисиите на НАТО

Министерот најави и измени на образовниот процес на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“.

„Предвидено е според новата програма, третата и четвртата година на Воената академија, студентите да учат на англиски јазик, кој е потребен во мисииите на НАТО, односно тој да се зборува течно и разбирливо како да е мајчин јазик“, рече министерот.

Во врска со вториот и третиот циклус на студии, односно мастер и докторските студии, бројот на студенти ќе биде значително помал отколку на останатите факултети.

Според министерот, магистранти и докторанти ќе има од осум до 10, во согласност со потребите на армијата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.