Наставниците кои ќе штрајкуваат нема да бидат отпуштени, само привремено заменети

Професорите и наставниците кои ќе излезат на протестот на СОНК, закажан за 29-ти септември, нема да добијат отказ од работа, туку привремена замена. Според министерот за образование и наука, Абдулаќим Адеми, штрајкот е нивно право загарантирано со Устав, но не може да се дозволи и наставата да биде прекината, објави телевизија „Телма“

-Доколку пратениците во Собранието ги изгласаат предложените измени во Законите за основно и средно образование, на местото на тие што ќе штрајкуваат, привремено ќе се вработат нови наставници и професори. Вработувањето ќе се одвива преку Агенцијата за привремени вработувања и ќе трае се`додека трае и штрајкот. На тие што ќе штрајкуваат, стажот нема да им биде прекинат, изјави Адеми.

Министерот вели дека се отворени за разговор со СОНК околу отворените прашања. Од синдикатот деновиве реагираа дека, со најновите измени се кршат работничките права и меѓународните конвенции, а владата прави преседан во синдикалното организирање.Одлуката за Генерален штрајк ќе се разгледува на вонредна седница во текот на наредната недела.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.