Наталитетот, наставниците, трендовите и бројките

Оваа колумна е за намалувањето на бројот на учениците во училиштата, скратувањето на паралелките и затворањето цели училишта. Проблем на кој се потсетуваме секој 1 септември, а го чувствуваме 365 дена во годината. Ќе почнам со цитат од мојата колумна „Битола и цивилизацискиот Галичник“ објавена во „Дневник“ на 3 октомври 2006 година. Пред 7 години на ова место напишав:

Депопулацијата нема да одмине никого. Сигурно ќе има сериозни последици врз економијата. Намалениот наталитет значи помала работна сила и поголем број пензионери. Пензионери, кои своите пензии ќе треба да ги добиваат од малиот број вработени. Свештеници без верници. Пазар на работната сила на кој ќе нема доволно луѓе. Социјален систем, кој ќе крахира. Пациенти што ќе немаат доволно медицински сестри и болничари. Наставници што ќе немаат ученици. Училишта што ќе се затвораат. Ниви, кои ќе зараснуваат во коров. Цивилизација што ќе ја снемува. Живот што ќе исчезнува.

Сето тоа што го напишав пред 7 години, денес е уште поактуелно, а бројките се уште полоши. Ќе има многу податоци и примери, бројки и факти. Доволно е да се види податокот дека во 2000 година (како вчера да беше) во Република Македонија имало 29.956 првачиња, а 2013 година одвај 20.774 првачиња.

Грубо кажано, со заокружени бројки, за само 13 години имаме пад во бројот на првачињата од 30 илјади на 20 илјади. Тоа е сериозен, сериозен пад. Со ваквите тенденции, колку ќе има првачиња за 10 години, односно во 2023 година? За жал, прогнозите се неповолни и може да се случи тогаш да има одвај околу 15 – 17 илјади првачиња. Ако мислиме дека овие 20.744 првачиња се малку, колку ли се помалку 15 илјади првачиња?

За да го разбереме бројот на првачиња во 2000 година кои имале 7 наполнети години, треба да го видиме бројот на родени бебиња во 1993 година. Во 1993 година имавме 32.374 родени бебиња. Дел од тие деца родени 1993 заминале во странство и затоа се доаѓа до бројката од 30 илјади првачиња во 2000-та година.

Бројката од 20.774 првачиња кои сега се на 6 годишна возраст доаѓа од родените во 2007 година кои ги има 22.688 родени. Еден од најзагрижувачките податоци се гледа кога ќе се види вкупниот број ученици во основното образование. Во 1994 година имало 260.197 ученици, во 1999 година 253.851 ученик, во 2003 година 231.868 ученици, во 2008 година 216.180 ученици, а во 2012 година 195.311 ученици. Падот на наталитетот ги затвора училиштата и паралелките.

Истовремено, има пораст на бројот на наставниците. Во 1994 година имало 12.619 наставници, во 1999 година 12.851 наставници, во 2003 година 13.733 наставници, во 2008 година 15.930 наставници, а во 2012 година 17.193 наставници. Се случува еден апсурден процес во кој имаме рапидно намалување на бројот на учениците, а евидентно зголемување на бројот на наставниците?! Во ред, јасно е дека за поквалитетна настава потребно е да има помали паралелки, да има поквалитетен однос наставник – ученик, како и адекватен сооднос.

Но, бројките се јасни. Во 1994 година имало 21 ученик на 1 наставник, во 2003 година односот е 17 спрема 1, а во 2012 година одвај 11 ученици на 1 наставник. Намалувањето на бројот на учениците директно резултира со намалување на бројот на часови по наставник, укинување паралелки, голем број невработени наставници и педагози поради непостоење доволно паралелки и деца за отворање нови работни места во просветата, како и целосно затворање поголем број училишта.

Значи, и покрај превработеноста во образованието, во Македонија има буквално илјадници невработени наставници и професори по одделенска настава, македонски јазик, англиски јазик, педагогија, француски јазик, географија, историја, биологија… Но, едноставно нема деца. Покрај падот на наталитетот, улога игра емиграцијата и иселувањето поради економските услови.

Не помогна ниту воведувањето на деветолетката, со која се додаде уште 1 генерација ученици во основното образование. Порано основното образование имаше 8 години, а денес 9. Значи, се додадоа уште 20.000 ученици, односно цела една генерација. Но, ни тоа не помага, затоа што падот е огромен. Ако го сметавме бројот на учениците според старите критериуми на 8 генерации, тогаш денес немаше да имаме 195.000 ученици, туку одвај 175.000 ученици. Со оваа надолна спирала, бројката од 175.00 ученици ќе ја достигнеме за само неколку години.

Падот на бројот на учениците ќе продолжи сж додека имаме пад и рецесија на наталитетот, а тој пад се случува веќе 40 години. Децата во училиштата доаѓаат од бројот на родените, а тука бројките се евидентни. Во 1950 година во одвај 1,2 милион жители сме имале цели 50.000 родени годишно, а последниве години со 2 милиони жители имаме одвај 22 илјади родени годишно. Замислете, во 1957 година кога родените 1950 година наполниле 7 години во македонските училишта дошле дури 50.000 првачиња, а оваа година нешто одвај повеќе од 20.000 првачиња. Ете тоа е таа демографска рецесија.

Падот на бројот на учениците допрва ќе се осети во средното и високото образование, затоа што таму сж уште се ученици претходните побројни генерации. Доаѓа време во кое секоја следна генерација ќе биде помала од претходната, така што ваквите трендови ќе продолжат и во средното, и во високото образование.

Со фертилитет од одвај 1,4 дете родени по жена, Македонија се осудува себеси на пад на бројот на учениците и населението. Слични се бројките во Германија, Австрија, Унгарија, Естонија, Латвија, Словенија, Италија, Шпанија, Бугарија, Србија, Јапонија, Хонг Конг (Кина), Сингапур, Јужна Кореја… Сето тоа има и допрва ќе има сериозни економски, финансиски, социјални, политички, меѓународни и други последици.

Одговорот за сето ова е во семејните вредности, во градење култура на живот, во приврзаноста кон семејството. Никако нема да помогнат некои постмодерни идеологии на егоизам, атомизирање на човекот, отуѓеност и малодушност. Треба да се афирмираат позитивните вредности, а не автодеструкцијата и декаденцијата.

Родителите и наставниците ги одгледуваат и воспитуваат своите деца и ученици. Родителите и наставниците треба да ги воспитаат нивните деца и ученици да бидат приврзани кон бракот, децата и семејните вредности. Така родителите ќе добијат внуци, а наставниците ќе имаат ученици. На кои вредности ги учиме нашите деца?