НАТО е подготвен да ги прошири своите сили во Турција

НАТО е подготвен да ги прошири своите сили во Турција доколку тоа се покаже за неопходно, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на одгласите за обновената тензија со Русија, заради нејзината интервенција во Сирија, пренесе ДПА.

-Турција е многу силен и способен сојузник, но НАТО, се разбира, секогаш е подготвен да надградува и поддржува, изјави Столтенберг, пренесува МИА.

„Ние сме во постојан дијалог со Турција, проверувајќи дали има потреба да се направи уште нешто“.

– Ние ја засиливме нашата способност да ги поддржуваме и помагаме сите наши сојузници, се разбира, вклучувајќи ги и оние кои се навистина блиску до насилството, блиску до хаосот, што го набљудуваме на југот – во случајот во Турција. Така што, доколку е потребно ќе се зголемиме, додаде тој.

Столтенберг зборуваше откако министрите за одбрана на земјите од НАТО денеска го разгледуваа четиригодишниот конфликт во Сирија, што од минатата недела навлезе во нова фаза, со почетокот на руските воздушни напади во оваа земја.

Тензиите дополнително се зголемија откако руските борбени авиони во текот на викендот на двапати го нарушија турскиот воздушен простор. Според претставници на НАТО, нарушувањата не изгледаат случајни.

Турскиот министер за одбрана, Веџди Ѓонул за време на министерската средба инсистирал на посилно присуство на НАТО и на засилување на капацитетот за воздушна одбрана, но не побарал интервенција од силите за реагирање при кризи на Алијансата, информираа извори на ДПА, кои побарале анонимност.

Ѓонул не одговори на прашањата дали министрите за одбрана ја разгледале можноста за испраќање копнени сили во Турција, изјавувајќи дека „НАТО е подготвен да ги заштити и зачува сите свои сојузници од евентуална закана и тоа, природно, важи и за Турција“.

Во меѓувреме, Германија потврди дека планира да ги повлече своите ракетни батерии „Патриот“, разместени во оваа земја, а истото се предвидува да го сторат и САД, пренесоа британските медиуми.

Во јануари 2013 година Германија, САД и Холандија  со по две батерии „Патриот“ се вклучија во напорите за заштита на турската граница откако Анкара побара од своите партнери од НАТО помош за да ја заштити границата при евентуална закана од соседна Сирија.

Холанѓаните претходно годинава ја прекинаа својата мисија, но на местото на холандските ракети во јужниот турски округ Адана беше разместен шпански ракетен комплекс.

– Шпанија е подготвена да ја задржи својата батерија, информира денеска министерот за одбрана на САД, Ештон Картер, цитиран од ТАСС.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.