НАТО и Русија разменија информации за воените вежби

НАТО и Русија во четвртокот, во пресрет на руските воени вежби кои ги загрижија балтичките земји и Полска, постигнаа договор дека ќе избегнуваат секаков ризик од потенцијален судир во текот на своите маневри, како и дека однапред ќе разменуваат информации.

Двете страни имале „отворен“ разговор во Брисел во рамките на Советот НАТО-Русија, телото за дијалог на дипломатско ниво, истакна генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Руската мисија на барањето на Алијансата во текот на состанокот го соопштила бројот на војниците, бродовите и авионите кои ќе учествуваат во воената вежба „Запад 2017“ кој ќе се одржи во септември годинава во близина на границата со Полска и со Литванијаи во која ќе учествуваат единици на Русија и Белорусија, истакна Столтенберг.

„Од големо значење е што денес однапред ги разменивме информациите за претстојните вежби“, изјави Столтенберг додавајќи дека НАТО ја информирал руската страна за вежбата „Trident Javelin“, којашто исто така ќе се одржи годинава во близина на руската граница.

Сепак, Столтенберг предупреди повикувајќи се на искуство, дека на вежбите би можел да учествува и поголем број војници од пријавеното, но без да прецизира на која страна се однесува забелешката.

Литванија истовремено објави дека очекува 100.000 руски војници да учествуваат во вежбата „Запад“.

Заменикот на челникот на руската мисија во НАТО, Александр Грушко, изјави дека Москва исто така во врска со воените маневри „Запад 2017“ кои ќе се одржат од 14 до 20 септември ќе ја брифира и Организацијата за соработка и безбедност во Европа (ОБСЕ).

Официјалните средби на Советот НАТО-Русија беа прекинати од страна на Алијансата по кусата војна во 2008 година меѓу Русија и Грузија, но во март 2009 година НАТО реши да ја обнови соработката со Москва.

Поради непомирливите ставови, Русија во 2014 година се повлече од Советот НАТО-Русија, обвинувајќи ја Алијансата дека не се придржува до договорот за неширење кон руските граници, а беа одржувани слаби контакти.

Советот Русија-НАТО е воспоставен во 2002 година и служи како форум за консултации за безбедносните прашања и практична соработка во цела низа прашања.