НАТО ќе ја заштитува Турција доколку биде нападната

НАТО ќе ја заштитува Турција, ако таа биде нападната, изјави новиот генерален секретар на Алијансата Јенс Столтенберг, објави МИА.

– Наша одговорност е да ја браниме Турција. Членот пет на Северноатлантската алијанса исто така ќе биде применет, ако Турција биде нападната на каков било начин, изјави новиот генерален секретар на НАТО.

Столтенберг исто така најави дека наредната седмица ќе ја посети Турција.

Новиот генерален секретар на НАТО Јенс Столтенберг ќе се заложи и за блиска соработка на НАТО со Шведска и Финска, а се надева и на проширување на таквата соработка, јави дописникот на МИА од Гетеборг.

Но, Столтенберг едновремено нагласува дека ќе се држи настрана од дебатата дали овие две неутрални скандинавски земји треба да се зачленат во Алијансата.

Столтенберг го исткана тоа, меѓу другото, во контекстот на неодамна потпишаниот договор на Шведска со НАТО, кој ќе овозможи силите за брза интервенција на Алијансата да можат да дејствуваат на шведска територија во случај на криза. Шведска со тоа доби нов статус во своите односи со НАТО на самитот на Алијансата што се одржа во Велс, кој беше прецизиран како “проширени можности за соработка“.

Напоредно со Шведска, на самитот во Велс истиот нов статус го добија и Финска, Австралија, Грузија и Јордан.

Според извори во седиштетот на НАТО, тоа значи дека Алијансата ги отвора вратите за проширена соработка, меѓу другото, на подрачјата како разузнавање и учество во планирање на заеднички воени вежби, вклучувајќи ги и силите за брзи интервенции во кризни ситуации. Столтенберг, според анализите во скандинавскиот печат, очекува земјите-членки на НАТО во февруари идната година да заземат став како ќе изгледаат силите за брза интервенција на Алијансата.