НАТО министрите денеска за Украина

Министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО ќе се состанат денеска во Брисел за да ја разгледаат ситуацијата во Украина и да подготват терен за претстојниот самит во Велс, пренесоа медиумите.

На состанотот на министерскиот совет повикан е и новиот украински шеф на дипломатијата Павло Климкин, како и високата претставничка на Европската Унија за безбедност Кетрин Ештон, најавено е од седиштето на НАТО.

Освен украинската криза, министрите ќе разговараат и за напредокот кој земјите кандидати  го оствариле на патото за членство во НАТО, иако конечната одлука за проширувањето ќе го причека самитот во Велс, закажан за септември.

Меѓу земјите кои се надеваат на повик за членство е и Црна Гора, но бриселски дипломатски извори велат дека во НАТО сеуште нема согласност дали се исполнети сите критериуми кои ги пропишала Алијансата.

Состанокот ќе почне со работна вечера и ќе продолжи утре, а на дневен ред е и планско повлекување од Авганистан, кој треба да се заврши до крајот на годината.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.