НАТО може да ангажира свои сили каде што ќе посака

Новиот генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг изјави дека  НАТО може да ангажира свои сили каде што ќе посака и со  тоа, наведуваат британските медиуми, ги доведе во прашање спогодбите по периодот на „студената војна“, што сериозно се разнишани по руските акции на Крим и во Украина, објави МИА.

Столтенберг беше во посета на Полска, членката на НАТО, за да ѝ даде уверување дека Алијансата ќе ја заштити од Русија, која  неодамна го анектира Кримскиот Полуостров од Украина и која Западот ја обвини дека испраќа војска и опрема за проруските сили на истокот на Украина.

На самитот на НАТО во Велс, минатиот месец, лидерите на оваа воена организација се согласија да создадат сили за брза реакција кои за неколку дена ќе можат да  бидат упатени во кризни жаришта, како и да ја прегрупираат опремата во источноевропските земји доколку за тоа се укаже потреба.

Лидерите на Алијансата ги одбија молбите на членките на НАТО од Источна Европа, меѓу кои и на Полска, кај нив трајно да бидат сместени илјадниците војници, делумно бидејќи е тоа скап процес, но и за да не го прекршат договорот од 1997 година, кога Пактот и вети на Русија дека на Истокот нема трајно да стационира значителен број борбени сили.

Во секој случај, Столтенберг во Полска зазеде поцврст став. Тој рече дека НАТО има силна армија и дека, и пред министерскиот состанок на Алијансата следната година, може да ја „разместува сили каде што сака“.

– Овие капацитети веќе постојат. Ние ги имаме и ние можеме да ги разместуваме во одделни региони, рече тој.

НАТО јасно соопшти дека нема воено да интервенира во Украина, која не е членка на Алијансата, но најави дека е засилена одбраната во источните земји-членки.

Од друга страна, Русија во неколку наврати негираше дека испраќа сили и опрема за проруските сепаратисти на истокот на Украина.