НАТО на Косово фрлил 10 тони ураниум

Обединетите Нации го сокриле од јавноста извештајот на шефот на мисијата за просторна програма во ОН, Бакари Канте во кој се наведува дека НАТО за време на бомбардирањето во 1999 година на Косово фрлил околу десет тона осиромашен ураниум, пренесе српскиот портал Блиц.

Извештајот се појаснува дека бомбардирањето на НАТО влијаело врз квалитетот на воздухот, земјата и водата што резултирало со последици во синџирот на исхрана. Како последица од тоа, идните генерации се изложени на зголемен број на заболени од рак, леукемија, абортуси, како и деформации на новородени бебиња.

Но, извештајот на Канте околу ужасните последици од бомбардирањето во Србија никогаш не бил објавен ред јавноста, но благодарение на независниот американски новинар Роберт Парсонс, делови од извештај се појави во медиумите.

Тој успеал да го добие извештајот на Канте и да го објави во јуни 1999 година во швајцарскиот весник Ле Куриер, со наслов „Алармантниот скриен извештај за последиците од бомбардирањето на Југославија“.

Извештајот на Канте тврди и дека поради бомбардирањето „природата во Југославија е контаминирана со опасни супстанции, меѓу кои најопасна е ПЦБ, исклучително канцерогена и одговорна за имунолошки заболувања“. Извештајот истакнува дека еден литар ПЦБ е доволен да се контаминираат околу четири милијарди литри вода, пренесува Газета експрес.

Парсонс напишал и дека директно информиран извор во 1999 му изјавил дека група научници од Швајцарија дошле до уште подраматични заклучоци околу ефектите на осиромашениот ураниум на Балканот, отколку што биле наведени во забранетиот извештај на Бакари Канте.

„Нивното истражување било дел од активноста на дипломатската група ФОКУС, составена од Швајцарија, Австрија, Русија и Грција. Бидејќи Швајцарија ги платила сите трошоци останатите членови морале да молчат“, напишал Парсонс.

Дури по огромниот притисок на јавноста Американците признале дека муницијата била полнета со „валканиот“ ураниум, кој е најопасен за луѓето и животната средина.