НАТО не ја разгледува можноста за воведување забранета зона за летови во Сирија

НАТО во моментов не ја разгледува можноста за воведување зона забранета за летови и тампон зона во Сирија, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг по разговорот со турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, објави МИА.

– Оваа тема се уште не е на дневен ред на НАТО и не се разгледува меѓу сојузниците во Алијансата. Сметам дека создавањето на таква зона е доволно сложена работа и оти бара време, рече тој, но сепак потврди дека во разговорите со Чавушоглу оваа тема била разгледана.

Турскиот министер за надворешни работи истакна дека за успешно регулирање на ситуацијата во Сирија и Ирак е потребно да биде воведнени такви зони во северниот дел на Сирија.

– На неодамнешниот самит на НАТО ние отворено говоревме за тоа со нашите сојузници. Ова прашање треба да има приоритет, рече Чавушоглу на заедничката прес-конференција со Столтенберг, кој се наоѓа во посета на Турција.

Тој истакна дека Турција никогаш не бегала од борбата против тероризмот. Тој напомена дека во републиката засолниште побарале околу 1,5 милиони Сиријци, за кои Анкара потрошила над четири милијарди долари и само 200 милиони долари помош пристигнале од странство во тој период.

– НАТО првостепено се занимава со обзбедување на колективната безбедност. Алијансата ќе продолжи да ја штити Турција и нејзините граници од заканите од страна на Исламска држава, рече Столтенберг.

Тој потсети дека на турско-сириската граница се распоредени противракетни системи „Патриот“, доставени од земјите од НАТО. Тие системи ќе учествуваат во одбраната на јужните граници на Турција доколку тоа е потребно.

Турскиот министер за надворешни работи ја отфрли можноста, Турција да изврши унилатерална копнена операција во Сирија против џихадистите на Исламска држава.

– Нереално е да се очекува да се случи една таква акција, изјави Чавушоглу.

Наместо тоа, шефот на турската дипломатија побара создавање на зона за забранети летови на нејзината граница со Сирија.