Научниците откриваат кога луѓето најмногу се интересираат за секс

Луѓето најмногу се интересираат за сексот околу Новата година, божикните и другите празници, се наведува во истражувањето од коешто резултатите се објавени во научното списание Scientific Reports.

„Појавувањето на интернетот и социјалните мрежи ни даде неверојатно моќна алатка за набљудување на промените на колективното расположение на луѓето и нивното однесување. Првпат ги изучувавме репродуктивните навики на ниво на целата планета, следејќи како се менувал интересот кон сексот кај корисниците на интернет во различни периоди од годината“, вели Луис Роча од американскиот универзитет Индијана.

„Постои раширена претстава за тоа дека врвот на раѓањата во повеќето развиени земји доаѓа во август и септември. Не само обичните луѓе, туку и научниците, сметаат дека причината за тоа е прилично едноставна: и сериозните одлуки дека е време да се зачне бебе, и случајните бремености, најчесто се случуваат во текот на новогодишните и божикните празници.

Некои истражувачи веруваат дека оваа „аномалија“ не се должи на социјалните, туку на биолошките фактори, поврзани со сѐ уште непознатиот биоритам и различните природни и еколошки феномени: на пример, со нивото на сончевата светлина или должината на денот, што може да влијае врз однесувањето на луѓето. Во прилог на ова, според научниците, зборува фактот дека есенскиот пораст на стапката на наталитетот е речиси ист во земји со сосема различни културни и социјални навики.

Роча и неговите колеги се обидувале да проверат дали ваквите тврдења се точни, и посветиле внимание на главниот недостиг на ваквите истражувања: нивните автори ги проучувале животните навики само за населението на Северната хемисфера, каде што доминираат христијанството и европската култура.

Научниците решиле да го пополнат овој недостаток, поради што направиле анализа на тоа колку често корисниците на интернет пишуваат за сексот во различните годишни сезони, и се обиделе да ја најдат врската меѓу зголемувањето на интересот кон односите со спротивниот пол и раѓањата. Студијата се базира на неколку милиони објави на Twitter и прашањата коишто корисниците ги поставувале на најпопуларните интернет пребарувачи во периодот од јануари 2004 до февруари 2014 година.

Како што се покажало, празниците, сексот и пикот на раѓањата ефективно се поврзани: во христијанските земји зачестеноста на поставувањето на споменатите прашања се зголемувала со приближувањето на Божик и Нова година, а во исламските земји по завршувањето на Курбан Бајрам. Речиси девет месеци подоцна, стапката на раѓање во овие земји почнува нагло да се зголемува.

Притоа научниците не можеле да најдат суштествени разлики во интересот за секс и за продолжувањето на видот (забременувањето) меѓу жителите на Јужната и Северната хемисфера, што зборува за тоа дека овој феномен не е поврзан со климатските услови, позицијата на Земјата во нејзината орбита и другите природни фактори. Речиси сигурно, истакнува Роча, тој има исклучиво социјален карактер.

„И Божик и Курбан Бајрам може да предизвикаат посебно колективно расположение, коешто, судејќи според сѐ, е поврзано со зголемената стапка на наталитет. Можно е ова да се должи на фактот дека во текот на овие празници возрасните честопати даваат подароци на децата, што ги охрабрува да размислуваат за продолжување на видот и ги прави повеќе сериозни во односите кон своите семејства и семејните обврски“, заклучува Роча.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.