Научниците предупредуваат на катастрофална закана за Земјата

© Фото : “Windows into the Earth,” Robert B. Smith and Lee J. Siegel

Експертите на американската агенција за вселенски истражувања NASAсметаат дека ерупција на супервулкан ќе предизвика далеку пострашни последици отколку удар на астероид во планетата.

Според процените на стручњаците, во моментов на Земјата имало околу дваесет супервулкани кои можат да се активираат во секој момент. Притоа, тие сметаат дека ерупцијата на ваквите вулкани ќе предизвика „вулканска зима“, поради којашто може да умрат милиони луѓе.

Најопасниот меѓу сите супервулкани, како што проценуваат научниците, е Јелустоунскиот кој се наоѓа во американската сојузна држава Вајоминг. Неговата калдера е со димензии 55 на 72 километри.

Во моментов специјалистите на NASA се занимаваат со разработување на план за спречување ерупција на Јелустоунскиот вулкан. Особено се разгледува варијантата со зголемување на обемот на водите за негово „ладење“.

Од поодамна е познато дека убавината на паркот Јелоустоун под својата површина крие супервулкан – гигантски базен од магма којшто демне веднаш под земјината обвивка. Како супервулкани се класифицираат оние вулкани кои имаат способност да еруптираат со магма поголема од 1.000 кубни километри.

Истражувачки тим при универзитетот од сојузната американска држава Јута последниве неколку години работеше на прецизирање на точната големина на супервулканот.

Подземната јама со величина 90х на 30 километри во себе крие околу 200 до 300 милијарди кубни километри растопен камен. Доколку еруптира, неизбежно е дека ќе ја збрише Америка од лицето на Земјата, а ќе има и големо влијание врз целиот свет. Според научниците, таква ерупција и не е толку далеку. Познато е дека супервулкани од овој калибар еруптираат на 700.000 години. Досега се евидентирани три: една пред 2,1 милиони години, втората пред 1,3 милиони години, а последната пред 640.000 години.

Научниците истакнуваат и дека во близината на Јута се откриени уште дваесетина помали супервулкани коишто не се активни. Пред 30 милиони години, кога последен пат еруптирале, за една седмица испуштиле околу 5.500 кубни километри магма.

 

Геолозите ветуваат дека ќе претскажат кога ќе еруптира супервулканот во Јелоустон

Геолозите од американскиот Универзитет Аризона тврдат дека во блиска иднина ќе можат точно и благовремено да претскажат кога ќе се случи следната ерупција и експлозија на супервулканот во Јелоустон, што потенцијално може да предизвика масовен помор на Земјата, се вели во написот објавен пред две години во магазинот Geology.

„Нашите последни резултати покажуваат дека ерупцијата на супервулканот започнала последен пат 10 месеци откако новите потоци лава навлегле во магматската комора и ја растопиле карпестата содржина во неа, ставајќи крај на 220-годишното спиење на Јелоустон. Доколку комората сега би се загревала на сличен начин, најверојатно новата ерупција би се случила за покус период“, вели Кристи Тил, од Универзитетот Аризона во американски Тусон.

Тили и нејзините колеги откриле неколку геолошки индикатори според коишто експлозијата на Јелоустонскиот супервулкан може да се предвиди дури 10 години пред неговото будење, како и почетокот на нова моќна ерупција, проучувајќи ги камењата извлечени од различни длабочини на неговиот кратер.

Со користење на специјални јонски спектометри за масата, геолозите можеле да ја утврдат брзината со којашто карпите во магматската комора, – резервоарите на лавата, се топеле при дотекување нови количества течна магма, издигнувајќи се кон супервулканот од утробата на Земјата.

Како што се покажало, по претходните помали ерупции во Јелоустон, коишто се случиле пред 70 илјади години, по околу 10 месеци започнале нови потоци растопени карпи да се слеваат во супервулканот. Следната ерупција, како што покажува состојбата на карпите во утробата на Јелоустон и според пресметките на Тили и нејзините колеги, би требало да се случи на сличен начин.

Според авторите на студијата, ваквите сознанија овозможуваат да се предвиди почетокот на катаклизмата, како и да се искористи за навремена евакуација на населението и да се преземат вонредни мерки за заштита на цивилизацијата од последиците на ерупцијата, којашто, и покрај малите размери на Јелоустон, нема да биде послаба според јакоста од најмоќните вулкански катаклизми во XX век и може да биде една од најголемите природни катастрофи во овој век.

Дополнителните проучувања на карпите и трагите од повеќе дамнешни ерупции, покажале дека некои од ваквите појави може да се предвидат дури и десет години пред експлозијата на супервулканот. Тоа, како што истакнуваат во својот труд научниците, ќе овозможи поголеми шанси за соодветни подготовки во пресрет на катаклизмата.

Јелоустонскиот супервулкан се наоѓа на територијата на истоимениот национален парк во американска сојузна држава Вајоминг. Тој претставува геолошка формација – калдера, „инка“ настаната од експлозијата на вулканот во древните геолошки периоди, која е со димензии 55 на 72 километри. Кон средината на XX век научниците утврдија дека на длабочина од околу 8 километри под калдерата се наоѓа комора исполнета со магма, и тоа всушност е прастариот вулкан.

Ерупциите на овој вулкан се случиле пред околу 2 милиона години, а потоа и пред 1,2 милиони години и уште пред 600 илјади години. Како резултат на последната ерупција, во атмосферата биле исфрлени околу 1.000 кубни метри вулканска пепел и парчиња од карпи. Споредено со тоа, најкатастрофалните историски регистрирани ерупции исфрлиле „само“ 50 кубни километри, во Тамбора во 1815 година и 10 кубни километри – Кракатау, во 1883 година.

Доколку Јелоустонскиот супервулкан започне да еруптира, последиците може да бидат катаклизмични, предупредуваат со години наназад научниците. Покрај директните штети предизвикани од ерупцијата, на пример големи количества вулканска пепел кои ќе дојдат во атмосферата, на планетата може да настапи ткн „вулканска зима“, имено дури и многу послабата ерупција на планината Пинатубо во 1991 година предизвика значително заладување.

 

Еден од најопасните супервулкани се наоѓа на Суматра

Меѓународен тим од руски, француски, саудиски и египетски геофизичари, пред извесно време направија модел на структурата на Тоба, најопасниот супервулкан на Земјата кој се наоѓа на индонезискиот остров Суматра, а резултатите од нивното истражување беа објавени во научното списание Nature Communications.

Со помош на сеизмички набљудувања научниците го изградиле моделот на структурата на вулканот и ги опишуваат процесите кои доведуваат до негова ерупција. Според нивното мислење, на длабочина поголема од 150 километри под литосферската плоча гасовите и растопените материјали формираат поток од магма кој се качува кон врвот.

Овој поток искачувајќи се доведува до формирање на магматска комора под вулканот. Кога притисокот во комората ќе достигне критична точка, магмата започнува да се искачува и ја растопува земјината кора. Така доаѓа до вулканска ерупција кога лавата се излева по површината на Земјата.

Геофизичарите не сметаат дека ерупцијата на вулканот Тоба е неизбежна, но и оти не може потполно да биде исклучена таквата можност.

Ерупцијата на овој вулкан којашто се случила пред повеќе од 70 илјади години, довела не само до промена на климата и изумирање на одделни видови живи организми на планетата, туку го забрзала и развојот на луѓето кои биле принудени поради тоа да ги пројават сите свои интелектуални способности, за да преживеат.

По оваа ерупција се формирала калдерата со размери 80 на 30 километри, а во атмосферата биле исфрлени повеќе до 2.800 кубни метри материјали.

На научниците им се познати вкупно 20 супервулкани. Нивната состојба е постојано следена, што овозможува да се предвиди катаклизмична ерупција на планетата.