Умерената консумација на квалитетни вина благотворно влијае врз здравјето

Умерената консумација на квалитетни вина има благотворно влијание врз здравјето
Умерената консумација на квалитетни вина има благотворно влијание врз здравјето

Квалитетните вина, а во тие рамки и врвните вина од Македонија, се богат извор на биоактивни и нутритивни соединенија кои имаат позитивно влијание врз здравјето на луѓето. Ова е еден од заклучоците од конференцијата „Влијание на умерената консумација на вино врз здравјето – истражувања и докази”, на која еминентни експерти од земјава и странство претставија најнови научни сознанија за позитивните ефекти од умерената консумација на вино врз здравјето на луѓето.

На настанот, организиран од винарската визба „Тиквеш“, беа поканети и присустваа бројни експерти од областа на биохемијата, технологијата за производство на вино, од факултетите за земјоделство и храна во земјава, медицински експерти од високообразовните институции и клиники, како и енолози и нутриционисти.

„Како бренд и компанија која е цврсто втемелена во долгата македонска винска традиција и има посебно значење за развојот на домашната винска индустрија, почувствувавме потреба да креираме специјална комуникациска платформа што ја нарековме „Вредности на виното“ со која сакаме дополнително да го приближме виното до крајните потрошувачи, промовирајќи ја нераскинливата врска на квалитетното вино со здравјето и универзалната формулата за долг живот. Реализацијата на оваа платформа започнува денеска со оваа стручна конференција на која научниците ги презентираа доказите за благотворното влијание на умерената консумација на вино врз здравјето на луѓето. Верувам дека пораките од оваа конференција ќе ги поттикнат луѓето повеќе да се едуцираат за тоа како да го заштитат и унапредат своето здравје преку соодветен избор и одговорна консумација на квалитетно вино“, изјави генералниот директор на винарската визба „Тиквеш“, Игор Илиевски.

„Умерената, редовна консумација на вино овозможува намалување на ризикот од кардиоваскуларни забалувања, срцеви и мозочни удари“, вели д-р Сабина Пасамонти, професорка на катедрата за природни науки на Универзитетот во Трст – Италија, која во своите истражувања во доменот на молекуларната исхрана и биомедицината утврдила дека за ваквите позитивни карактеристики на виното придонесуваат високите концентрации на полифеноли, како што се антоцијаните кои се особено присутни во квалитетните црвени вина, а кои според резултатите од истражувањата „имаат исклучителни фармаколошки карактеристики, односно се однесуваат како лекови“, децидна е д-р Пасамонти.

На конференцијата беа претставени и наодите на д-р Клемен Лисјак и д-р Андреја Ванзо, експерти од Земоделскиот институт на Словенија, кои преку своите истражувања докажуваат дека винското грозје во Тиквешијата и врвните бели и црвени вина што се произведуваат од него, се богати со полезни органски соединенија. Конкретно, истражувањата на д-р Вензо покажуваат дека во квалитетните бели вина произведени во „Тиквеш“ присутни се биоактивни органски соединенија, како што е транс-кафтарната киселина, и кои поради своите карактерстики се еднакво важни за здравјето на луѓето како и состојките присутни во црвените вина. За д-р Лисјак пак, кој неколку години ги истражува состојките во винските сорти грозје во Тиквешијата, „грозјето од сортата вранец од регионот Тиквеш содржи највисоки концентрации на органски соединенија, особено антоцијани кои се заслужни за интензивната црвена боја на врвните вина од оваа сорта и имаат исклучителни нутритивни вредности во споредба со останатите сорти“.

Професорката д-р Виолета Иванова-Петропулос од Земјоделскиот факултет при Универзитетот во Штип, која во одредени свои истражувања користи примероци од врвни вина произведени во „Тиквеш“, оди чекор понатаму во своите научно-втемелени заклучоци и констатира дека „Висококвалитетните македонски црвени вина, особено од сортата вранец, се богати со биоактивни и нутритивни соединенија кои имаат изразено антиоксидантно дејство, висока активност против слободните радикали, заштитна улога при артериосклероза и коронарна срцева болест, како и инхибирачко дејство на растот на канцерогените клетки во човечкиот организам“.

Конференцијата е дел од платформата „Вредности на виното“ која содржи низа активности за комуникација со потрошувачите на местата на продажба, но и преку медиумите, вклучувајќи ги и социјалните мрежи. Предвидена е и организација на специјални настани на кои ќе се промовира уникатниот спој на виното со здравиот начин на исхрана и урбаниот динамичен стил на живеење. Активностите ќе се реализираат во соработка и партнерство со сите организации, институции и поединци кои со својата работа можат да придонесат за заедничка промоција на врвното македонско вино и за едукација на потрошувачите за виното како нераскинлив дел од здравиот начин на живот и од сите значни животни моменти и прослави.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.