Наумоски како „татко“ на општината не дојде да не погледне во очи

Граѓаните на Ѓорче Петров и денес во 18 часот ќе излезат да протестираат на улицата „Борис Сарафов“, откако десетгодишното дете, во неделата попладне, беше прегазено на пешачки премин пред основното учииште „Мирче Ацев“.

Голем дел од присутните на вчерашниот протест рекоа дека се длабоко разочарани од надлежните, пред се’ од градоначалникот Александар Наумоски, бидејќи како „татко“ на сите граѓани во општината не нашол време да се појави на ниту еден од досега одржаните протести.

Веројатно не сака да не погледне во очи, велат револтирано граѓаните.

Иако беше и јавно повикан да дојде, а и присутната полиција соопшти дека е информиран, сепак тој одлучи да им се обрати на граѓаните само преку соопштение, со ветување дека наводно ќе биде поставен семафор на критичната точка.

Навистина сме разочарани. Неколку несреќи се случија, детето е во болница, очекувавме дека градоначалникот ќе се појави и ќе покаже некаква заинтересираност. Треба да знае дека нема да се откажеме, еден семафор нема да го спаси од одговорност, а ќе протестираме и додека не видиме дека и тој пуст семафор ќе се постави – вели еден од присутните граѓани.

Според нив, тие очекувале и дека градоначалникот на Град Скопје, како што  шетал „пешки“ по Ѓорче Петров во предизборната кампања и неколку пати напоменал дека безбедноста во сообраќајот ќе биде еден од неговите приоритети, дека и сега ќе дојде да поразговара со нив за настанатиот проблем.

Нас не не’ интересира политика кога се работи за човечки, пред се за детски живот, ама мора да бараме одговорност од надлежните. Не сакаме одговори како и за сите работи. Проблемот не е од вчера. Знаеме дека проблемот е одамна, ама треба ли постојано да ни ги газат децата додека тие се објаснуваат кој е виновен за несоодветната сигнализација на улицата. Наумоски, пред да седне во градоначалничката фотелја вети дека ќе бара итни мерки од МВР и општината, со цел намалување на сообраќајните несреќи. Дури за еден протест дојде и протестираше со нас. Ама ете се виде на дело. Шест месеци е градоначалник и не презема ништо за зголемување на безбедноста во сообраќајот – вели граѓанин револтиран од негрижата, пред се’ за децата.

Според граѓаните, Наумоски треба веднаш да постави и лежечки полицајци, колку и да не се законски, затоа што и возачите секојднево ги прекршуваат сообраќајните правила. Исто така, тој треба да побара зголемена полициска присутност на улиците „Борис Сарафов“ и „Ѓорче Петров“, но и на уште неколку локации каде што е забележано дивеење во сообраќајот.

За сликање и самопромоција децата од „Мирче Ацев“ секогаш ги вика на настани, па потоа се фали по „Фејсбук“. Ај што не доаѓа овде, заедно со нас на улица, па тој тука израсна, ама бар да отидеше да го посети детето, да се заинтересира за состојбата, да ги охрабри родителите дека ќе се преземат сите мерки. Ама не, сега се крие, се плаши од нашите прашања – вели една госпоѓа која тврдеше дека лично го познава од дете.

Инаку, како што веќе објавивме десетгодишно дете беше прегазено во неделата околу 19 часот. Возилото, според полицијата, било со скопски регистерски таблици управувано од 46-годишен жител на скопското село Шишево, со иницијали Ј.Ј.

По незгодата со истото возило детето било пренесено во комплексот клиники Мајка Тереза, каде што му била констатирана тешка телесна повреда и било задржано на понатамошно лекување.

Родителите на учениците од основното училиште „Мирче Ацев“, кое се наоѓа на оваа улица, како и околните жители, подолг период апелираат за поставување на светлосна сигнализација, бидејќи претходно беа полесно повредени уште неколку деца во сообраќајни несреќи на истата улица. Тие протестираа и во октомври минатата година.