Наумовски: Македонија ја брани и својата територија, но и на сите држави на север

Бегалската криза во Европа е глобален проблем и со неа целиот свет треба да се справи, а не само Европа и погодените држави во регионот на Блискиот Исток.

Ова го изјавија европските амбасадори во Вашингтон на брифингот во Комитетот за администрација на американскиот Конгрес одржан по иницијатива на Обединетата Македонска Дијаспора и Советот на Босна и Херцеговина, пренесува МРТ.

И покрај одлуката на Европската Унија за затворање на границите за бегалците и нивно враќање во Турција, Грција се уште не го остранува бегалскиот камп на границата со Македонија, од каде честопати поттикнати од грчки невладини организации, бегалците и економските мигранти се обидуваат илегално да влезат на македонска територија.

Овие индивидуи се уште се обидуваат да влезат на македонска територија и да продолжат кон север кон Србија, Хрватска, Словенија, Австрија и потоа до Германија. Во последните неколку недели имавме неколку насилни обиди за влез на македонска територија, што беа спречено со соодветна реакција од македонските безбедносни сили. Како и секоја држава во светот, Македонија има право да ја брани својата територија, но она што е чудно во овој случај е дека Македонија не ја брани само својата територија туку и сите држави на север, изјави Васко Наумовски, амбасадор на Република Македонија во САД.

Иако Македонија не е земја членка на ЕУ, таа ги штити надворешните граници на Унијата наместо Грција. Затоа американската професорка која неодамна била во посета на бегалците, смета дека Грција веднаш мора да престане со блокадата на приемот на Македонија во ЕУ и во НАТО, и дека САД треба да ја притиснат Атина по ова прашање.

Грција инсистира на блокада на името на Македонија. Не знам колку од Вас знаат, но една од причините поради која Македонија што е клучна држава на Балканот, е блокирана од членство во меѓународни организации е бидејќи Грција вели дека името Македонија е дел од нејзината историја. Името Македонија е дел од таа држава и на нејзиниот народ, и ова не смее да биде дозволено. Како можете да се координирате ако не ви е дозволено да бидете дел од овие организации? Македонија треба да добива помош од овие држави и да биде нивен член, и се додека е блокирана, тоа не може да се случи, вели Францис Трикс, професор по лингвистика и антропологија на универзитетот Индијана.

Бегалците не се само европски туку глобален проблем, оценија европските амбасадори на брифингот во Комитетот за администрација во американскиот Конгрес.

Солидарноста што ни е потребна е во исполнувањето на правните обврски кон Европската Унија и заедничките правила. Витална е сооработката со Грција, на Балканот, со Македонија, Србија, Словенија и другите балкански држави, што сметам е фундаментално, изјави Река Шермеркинжи- амбасадор на Република Унгарија во САД.

Сега кога балканскиот пат е речиси затворен, постои нов предизвик што доаѓа од југ, од средно медитеранскиот пат. Бројот на бегалци од средноземјето се зголеми за 80 проценти од почетокот на оваа година. Па ова е голем предизвик за австриските власти коишто се координираат со италијанските власти како да се справат сега со овој предизвик на јужната граница на Австрија, смета Кристијан Брунмајер- заменик амбасадор на Република Австрија во САД.

Соединетите Американски Држави се на исто мислење со европските политичари дека решението за бегалската криза е запирање на конфликтот во Сирија и во Ирак. Во последниве три години, САД примиле 10 илјади бегалци од Сирија и донирале над 4 милијарди долари помош на хуманитарните организации.

Конгресот неодамна донесе регулатива со која се ограничуваат условите за прием на бегалци муслимани во Соединетите Американски Држави.