Наумовски: Решението не смее да биде на штета на идентитетот

Васко Наумовски е професор по меѓународни односи на Правниот факултет „Јустинијан Први“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, каде што дипломирал, магистрирал и докторирал. Магистрирал и на Универзитетот во Бон, Германија, а во академската средина е од 2005 година.Во периодот 2009-2011 година е вицепремиер за европски прашања во владата на Никола Груевски. За време на неговиот мандат Македонија за првпат по повеќегодишен застој доби позитивен извештај од ЕУ и препорака за почеток на преговорите за членство, а, исто така, граѓаните ја добија визната либерализација. Минатата година е именуван за амбасадор на Македонија во Вашингтон, САД, а неодамна беше именуван и за специјален пратеник во разговорите, кои под покровителство на Обединетите нации се водат за разликите околу името.

Република: Посредникот Нимиц во Скопје порача дека македонската страна покажала високо ниво на конструктивност и дека истото тоа го очекува и за време на посетата на Атина. Колку е тоа реално да се очекува и за време на оваа посета и во иднина ако се знае дека Грција со децении води непопустлива политика?

Наумовски: Напредок во процесот на надминување на разликите околу името може да се очекува само со искрена определба од двете вклучени страни, при што таа определба мора да се поткрепи со конкретни чекори, а не само со декларативни заложби. Имајќи ги предвид сите случувања во минатото, свесни сме за потребата од дополнителни напори кај нашиот јужен сосед, што може да придонесе да се направи чекор напред.Постоењето разлики околу името го оневозможува зацврстувањето на меѓусебната соработка, која е во интерес и на двете држави.Гледано во еден поширок контекст – економски, безбедносен и политички – членството на Македонија во Европската унија и во НАТО е во интерес и на Грција.

Република: За каква конструктивност се работи од македонска страна? Се разбира, не можете да зборувате за конкретни чекори на македонската страна, но кои се линиите по кои се движи нашата позиција ?

Наумовски: Резолуциите на Советот за безбедност на ОН ја определуваат рамката за нашите разговори со соседна Грција – надминување на разликите што ги имаме околу името. Овој проблем не е создаден од наша страна, туку е наметнат од јужниот сосед.Македонија во континуитет ја демонстрира својата искрена определба за надминување на разликите поврзани со ова прашање и не се откажала од барање решение што ќе биде прифатливо и за двете страни. Позициите се повторени во повеќе наврати и се верификувани од граѓаните преку поддршка на изборните програми – нема да се прифати промена на Уставот со цел промена на уставното име, нема да се прифати каков било предлог што ќе биде на штета на македонскиот народ, македонскиот национален идентитет, ниту, пак, на посебноста на македонската нација, јазик и култура. И, секако, останува јасната определба за одржување референдум на кој граѓаните ќе го кажат последниот збор за евентуалното решение.Исто така, тоа евентуално решение треба да биде засновано на меѓународното право.

Република : Пресудата на Меѓународниот суд на правдата, иако, на некој начин, се игнорира од Грција и од најголем дел од членките на ЕУ, сепак, им ја искомпликува работата на партнерите на Грција во НАТО и во ЕУ.Колку во Вашата стратегија како преговарач ќе се базирате на пресудата од Хаг?

Наумовски: Одредени држави се повикуваат на меѓународното право само кога тоа е во нивни интерес, а во други случаи го игнорираат. Ние имаме јасна определба за почитување на меѓународното право, и повикуваме на ист однос и од нашите соседи.Пресудата е јасна – Грција ја прекрши Привремената спогодба и треба да се воздржи од нејзино прекршување во иднина.Тоа што ние долго време го истакнувавме беше потврдено и од Судот во Хаг, со што стана јасно дека нашите аргументи се оправдани и издржани.Таа останува важен сегмент од претставувањето на нашите позиции, покрај сите други аргументи.

Република: Германската канцеларка Меркел призна дека и таа чувствува товар од нерешениот спор за името. Во што се состои тој товар во најголема мера, во очигледното прекршување на меѓународното право, во можноста од дестабилизација на регионот поради нерешените билатерални односи меѓу Скопје и Атина или, можеби, во тоа што една членка на ЕУ и на НАТО води агресивна националистичка политика и без аргументи блокира друга земја што ги исполнила сите критериуми за влез?

Наумовски: Сметам дека Германија, како движечка сила на ЕУ, чувствува одредена одговорност за сето тоа што се случува на европска територија, особено во државите што се сегашни или идни членки на Европската унија. Преместувањето на фокусот на американската надворешна политика во други региони во светот е шанса за ЕУ да ја демонстрира својата способност за решавање на проблемите во нејзиниот двор.Исполнетоста на критериумите за почеток на преговорите е нешто што успеавме да го постигнеме во 2009 година, со што покажавме дека не бараме прогледување низ прсти во таа насока.И покрај сè, од нас се бара нешто што не е, ниту, пак, било дел од критериумите за членство, иако постојат напори да се создаде таква перцепција.Германија е една од државите што силно го поддржуваше процесот на проширување во минатото, и се надеваме дека ќе остане така и во иднина.

Република: Меркел призна дека, на некој начин, се исцрпени сите варијанти на евентуално компромисно име и дека при евентуално решение нема да има победници.Може ли германската канцеларка да влијае на Атина да стане поконструктивна страна во спорот од позиција на најголем авторитет и како лидер и како земја-членка на ЕУ?

Наумовски: Грција е вешта во користење на внатрешните прашања за надворешни цели, но и на надворешните прашања за внатрешни цели. Знае да ги искористи и своите силни страни и правата што произлегуваат од членството, но и своите слабости – со цел да го амортизира притисокот од надвор.Потребата за вклучување на големите држави-членки, а особено Германија, ќе ја поттикне Грција суштински да се посвети на решавање на проблемот.И покрај солидарноста што владее во ЕУ, сè повеќе надвладува сфаќањето дека со оваа непроменета ситуација на Македонија се загрозува и кредибилитетот на самата Унија, а посебно политиката на проширување.Останува да видиме дали овие заложби ќе се претворат во конкретни чекори.

Република: Грчкиот премиер Самарас, кој целата своја кариера ја градеше на антимакедонски потези, уште пред 20 години јасно кажа дека не е проблем само името, потоа во 2009 година рече дека се надева на распад на земјава, а сега директно, во Брисел, порача дека македонскиот јазик е измислица на комунистите и индиректно дека и македонската нација е сличен производ. Колку треба да се надеваме на позитивен развој на настаните, дури и со тврдењето на Нимиц дека идентитетот не е тема на преговорите?

Наумовски: Позитивниот развој на настаните може да го очекуваме во моментот кога и двете страни искрено ќе се посветат на надминување на разликите. Сметам дека во овој момент Република Македонија е страната што е заинтересирана да се реши овој спор, а другата страна е заинтересирана тој да се одложува.Постоењето на македонскиот народ и неговата посебност не зависи од нечии желби или намери.Реалноста на нашето постоење како нација и како држава одамна не може да се игнорира.

Република: Можеме ли да се надеваме на промена на грчката политика со евентуална драматична промена на политичката сцена во Грција?

Наумовски: Како и во многу други држави, и кај нив државните позиции за прашања од надворешната политика се засновани на еден консензус меѓу политичките партии, нешто што нам сè уште ни е туѓо. Оттаму, не мислам дека со промена на тамошната власт може да се очекува промена на нивната политика за ова прашање.Тоа што може да помогне е промена во прифаќањето на реалноста, како и промена на перцепцијата за некаква загрозеност за грчките интереси инспирирана од нашата страна.Опасноста за Грција не доаѓа од Македонија.

Република: Грција како знак на попустливост го нагласува договорот меѓу сите партии од 2007 година да дозволи терминот „Македонија“ да стои во евентуалното заемно прифатливо име што некако значи дека ние би направиле отстапка кон нив и би им дозволиле да го користат терминот „Македонија“ за нивни внатрешни цели. Колку овие дипломатски симболички игри минуваат како аргументи во Брисел или, сепак, во крајна линија, се работи за моќ што произлегува од статусот членка на ЕУ и земја-кандидат?

Наумовски: Овде се работи за обид за наметнување перцепција за некаква попустливост. Имено, терминот „Македонија“ веќе постои како дел од привремената референца со која ни се обраќаат Обединетите нации, што уште во 1993 година беше прифатена од Грција. Од друга страна, Македонија е страната што направи многу отстапки, со цел да ја подобри атмосферата меѓу двете држави. И во самата Привремена спогодба Македонија е страната што прави отстапки, а Грција се согласи да не го блокира нашето членство во меѓународните организации, како ЕУ и НАТО.Сепак, и покрај сите отстапки, и покрај сите исполнети услови, членството во НАТО и почетокот на преговорите за влез во ЕУ сè уште не им се достапни на нашите граѓани.

Една од карактеристиките на овој спор е тоа што се води меѓу две држави со различен статус – Македонија е надвор од ЕУ и од НАТО, а Грција е внатре.Можностите што стојат на располагање се различни, и Грција максимално ги користи.Тие имаат право на глас на масата на која се решава за нашиот статус, а ние не.И покрај тоа, аргументите што Македонија ги има на своја страна, едноставно, не можат да се занемарат.Колку и да се обидуваат да ги прикријат, тие излегуваат на виделина.

Република: Вие наскоро заминувате во Вашингтон како Амбасадор на Македонија во САД.Иако постојано се зборува за притисок од страна на Америка, сепак досега пошироката јавноста не може да го види.Дали фактот што од аспект на меѓународно право Македонија е апсолутно исправна во спорот со Грција (што беше потврдено од Меѓународниот суд на правдата) го спречува огромниот притисок од страна и на САД и на другите моќни земји-членки на ЕУ и на НАТО?

Наумовски: Соединетите Американски Држави се сојузник на Македонија во политичка и во безбедносна смисла, стратегиски партнер, чијашто улога во регионот е клучна во континуитет. Нивниот интерес е стабилност во регионот, што оди во насока на членство на Македонија во НАТО. Мислам дека тие еднакво ги охрабруваат двете страни да најдат решение за овој долгогодишен спор, но мора да имаме предвид дека и тука можностите за влијание се различни кај двете страни. Постојат повеќе аспекти во билатералните односи на САД со двете држави што ја определуваат ефективноста на дипломатскиот притисок, кој иако не е видлив за јавноста, не значи дека не постои.