Навивачи сакале да се тепаат со раководството на ФК Шкендија

Навивачи се обиделе физички да се пресметаат со раководството на ФК Шкендија.

Како што информира МВР, вчера во периодот од 16.00 до 17.45 часот во Скопје, на арената „Филип Втори Македонски“, на фудбалскиот натпревар помеѓу ФК„Вардар“-Скопје и ФК„Шкендија“-Тетово, дел од навивачката група на ФК „Вардар“ се обиделе физички да се пресметаат со лица од раководството на ФК „Шкендија“, кои биле сместени во ВИП-ложата на јужната трибина, од каде го следеле натпреварот заедно со раководството од ФК „Вардар“.

По превземени мерки од страна  на полициските службеници навивачите биле потиснати, а раководството на ФК „Шкендија“ било префрлено на безбедна позиција на арената „Филип Втори“.

Истите не се пожалиле на никакви повреди од настанот.

При интервенцијата на повреда во пределот на коленото се пожалил еден полициски службеник кој бил префрлен во Градската Општа Болница „8-ми Септември“, за укажување на лекарска помош.

Истиот ден во 20.50 часот од Полициската станица- Тетово во МВР  било пријавено дека во Клиничкиот Центар – Тетово за преглед се пријавиле три лица кои биле повредени на натпреварот.

Се работи за И.Р. (46), генерален директор на  ФК-Шкендија, кај кого биле констатирани повреди во вид на оток во задниот дел на главата, А.К. (54) од с.Мала Речица, тетовско, кај кого не биле констатирани видливи повреди  и Ф.А. (44) од с.Порој, тетовско, кај кого биле констатирани повреди во вид на црвенило во пределот на десната надлактица.

По укажаната лекарска помош, за која доставиле медицински извештај, истите биле пуштени на домашно лекување. Се превземаат мерки за целосно расчистување на случајот.