Навреме отворени гласачките места во Охрид, Струга, Могила и Новаци

Сите гласачки места во Охрид се отворени навреме и процесот на гласање на претседателските избори 2014 се одвива непречено. Тоа за МИА го потврди претседателката на Општинската изборна комисија Марика Костадиноска.

Инаку, право на глас на територијата на општина Охрид имаат 51,157 гласачи, од кои 45.066 запишани во единствениот избирачки список, кои гласањето ќе го спроведуваат на 88 избирачки места, откако поради помал број гласачи од потребниот минимум (10) гласачкото место во Скребатно нема да биде отворено, а граѓаните од тоа населено место своето право ќе може да го остварат во селото Лескоец. Останатите 6091 се запишани во посебниот избирачки список, односно станува збор за лица со привремен престој во странство.

Општинската изборна комисија во Струга информира дека точно навреме, утрово во 7 часот се отворени сите 101 избирачко место на територијата на општината.

„Сите гласачки места беа отворени точно навреме и до овој момент, гласањето се одвива без никакви проблеми и согласно препораките на Државната изборна комисија. На овие избори имаме новоотворени 23 избирачки места наместо досегашните 78“, вели за МИА претсдателот на ОИК Струга, Џенгис Хани.

Општинските изборни комисии од Новаци и Могила информираат дека изборниот процес во првите три часа минува мирно, непречено и во демократска атмосфера.

Во општина Новаци изборните места беа отворени точно во 7 часот, посочи  претседателот на ОИК Новаци, Стевче Ангелевски. – На Единствениот избирачки список запишани се 3.042 со право на глас кое ќе го остварат на 24 гласачки места, потврди Ангелевски.

Во општина Могила право на глас имаат 5.589 граѓани, а избирачкиот процес се одвива на 23 избирачки места, истакна Ристе Пројчевски, претседател на  ОИК Могила.