Навреме отворени избирачките места низ земјата

Општинската изборна комисија во Битола соопшти дека утрово, точно во седум часот отворени се сите 170 изборни места на кои се спроведува процесот на гласање од првиот круг на изборите за Претседател на Република Македонија, пренесува МИА.

Според Зоран Насев, претседател на ОИК-Битола гласањето почна и се одвива согласно законот и препораките на Државната изборна комисија.

Во општина Дебар во седум часот изутрината се отворени сите 27 гласачки места и гласањето се одвива без проблеми, информира  претседателот на општинската изборна комисија Адриан Марку.

Во единствениот избирачки список за општина Дебар запишани се 17.272 лица со право на глас. Вчера правото на глас го остварија 31 болни и немоќни лица.

Изборниот процес во Прилеп утрово почна навреме и се одвива без никаков проблем.

Според претседателката на Општинската изборна комисија Елена Чагороска, сите 142 избирачки места се отворени во 7 часот. Право на глас имаат вкупно 64.567 граѓани.

Според информации од трите општински комисии во гостиварскиот регион – Врапчиште, Гостивар и Маврово-Ростуше, гласањето за претседател утрово почнало на сите избирачки места.

Во општина Гостивар правото на глас можат да го искористат 76.883 граѓани на 119 избирачки места.

Во општина Врапчиште на 39 избирачки места гласаат 24.289 граѓани, а во Маврово-Ростуше 9.445 граѓани својот глас можат да го дадат на 39 избирачки места.