НБА: Атланта го “положи оружјето”, Кливленд е владетел со Истокот

Кливленд Кавалирс ја освоија титулата во Источната конференција и се пласираше во големото финале на НБА лигата, прв пат по осум години.

Кавси во Охајо ја забележаа и четвртата последователна победа откако славеа со 118:88 против Атланта и со максимални 4:0 во серијата стигнаа до финалето.

Повторно во домашниот состав најдобар беше Леброн Џејмс кој постигна 23 поени, 9 скокови и 7 асистенции.

Најефикасен во таборот на Атланта беше Џеф Тиг со 17 поени, еден помалку постигна Пол Милсап, кој запиша и 10 скокови, додека македонскиот кошаркар Перо Антиќ не доби шанса за настап.

Екипата на Дејвид Блат во големото финале ќе се сретне со подобриот од серијата помеѓу Голден Стејт и Хјустон, каде водат Вориорси со 3:1 во победи.

Големото финале стартува ноќта помеѓу четврти и петти јуни.